Американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, денеска повторно ја повика Владата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај да ја повлече одлуката за такса од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, порачувајќи дека актуелната ситуација е „во спротивност со стратешките интереси на САД“ – јави дописникот на МИА од Приштина.
Укинувањето на таксата, според соопштението од Амбасадата на САД, би го отворило патот за дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Европската унија, кој има целосна поддршка од Вашингтон.
Во, како што забележуваат косовските медиуми, мошне остро интонираното сооштение, Американската амбасада предупредува дека „ниту Косово, ниту кој и да е друг пријател на САД не може да презема дејствија“, кои се спротивни на американските стратешки интереси „без да се соочи со последици по билатералните односи“.
– Една сеопфатна и взаемно корисна спогодба е од стратешки интерес за Соединетите Држави… Ги повикуваме засегнатите страни и другите од регионот да искажат посветеност за нормализацијата, регионалниот мир и стабилноста. Повторно го нагласуваме нашиот став дека итното укинување на таксата на увозот од Србија и Босна е неопходна мерка за повторно заживување на процесот на дијалогот. Очекуваме и од другата страна да преземе конструктивни мерки, се вели во соопштението на американското дипломатско претстаништво во Приштина.
Официјален Вшингтон напоменува и дека „поновата историја покажа дека Косово е успешно кога се обединува одвнатре и влегува во партнерство со САД и ЕУ“.
– Ги охрабруваме сите политички партии да придонесат на коструктивен начин во овој процес. Дејствијата кои го минираат дијалогот, пречките од страна и одбивањето да се укине таксата – сите тие одат против интересите на САД. Тоа што е потребно сега е едно храбро лидерство за да ги промовира нашите заеднички цели. Ова е тоа што ни помага да одржиме цврсти билатерални односи, се вели во сооппштението потпишано од американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.