Практикантот да добива месечно од 42 до 74 отсто од минималната нето-плата

586

Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска во прво читање го разгледуваше Предлог-законот за практиканство, кој треба да овозможи целосно искористување на потенцијалот на практичната работа, како и голем број млади невработени лица кои немаат практично искуство, одреден период да реализираат практична работа за да станат поконкурентни и полесно ќе можат да се вклучат на пазарот на труд.

Предлог-законот предвидува практикантот за време на практичната работа кај работодавачот да добива месечен надомест од 42 до 74 отсто од минималната нето-плата и тоа за практикантска работа до три месеци, како и месечен надоместок во висина на минималната нето-плата, за практикантска работа над три месеци.

На ваков начин, сметаат предлагачите, младите ќе можат практично да стекнат искуство во компаниите, за тоа да бидат платени, а компаниите, пак, да добијат кадар профилиран во согласност со нивните потреби, што ќе помогне во намалување на невработеноста кај овие лица.

Во Македонија оваа сфера првпат се регулира законски, а потребата од регулација на практиканството, според Владата која го предлага овој закон, произлегува од ограничениот опфат на лица преку мерки од оперативните планови.

Членовите на Комисијата се согласни дека донесувањето на ваков закон е неопходно и добро. Дел од нив сметаат дека на ваков начин ќе се надмине јазот со недостигот на практично искуство кај лицата по завршувањето на нивното образование со што, како што посочија, полесно ќе можат да се вклучат во пазарот на труд.

Одредени членови на Комисијата имаа забелешка на возрасната граница, која предвидува практикант да може да биде лице не постаро од 34 години, претставникот од Министерството за труд и социјална политика рече оти се смета дека ова е возраст над која лицето би требало веќе да има стекнато одредено искуство и вештини потребни за пазарот на труд.

Иако и членовите на опозицијата се согласија дека законот е потребен, сепак тие посочија дека донесувањето на еден ваков закон е резултат на потребата да се компензира неисполнувањето на ветувањето за младинската гаранција согласно која четири месеци по завршувањето на образованието лицето ќе биде вработено.

Законот беше најавен во сепрември, а на владина седница беше усвоен во декември лани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...