Центарот за контрола на сообраќајот и наплата на патарини ќе проработи во февруари

На стартот на новиот електронски систем за наплата, со кој патарина ќе се плаќа безконтактни смарт картички и со микробранови транспордери, одреден временски период ќе има можност и за палќање во готово.

360

Преку Центар за мониторинг и контрола ќе се следи сообраќајот на сите наплатни станици на автопатиштата. Објектот, лоциран спроти патарината Петровец, треба да биде пуштен за 20-ина дена, како дел од новиот системот за електронска наплата на патарините кој за патиштата долж Коридорот 10 е во завршна фаза и треба да стартува до април годинава. Во мај треба да биде пуштена новата патарина кај Гевгелија, а до јуни и таа кај Демир Капија, додека по автопатот Миладиновци-Штип, што треба да биде пуштен наскоро, на почеток ќе се вози бесплатно бидејќи допрва ќе стартува изградбата на двете планирани патарини.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со пуштањето на Центарот ќе се олесни протокот на возилата на патарините и ќе се намали метежот особено во летниот период бидејќи ќе биде олеснета комплетната процедура на наплатните станици.

– Наплатните станици кај Велес, Сопот и Отовица, како и патарината Романовце се готови. Во завршна фаза е и објектот во Петровец, кој очекуваме во наредните 20-ина дена да биде пуштен во употреба. Инвестицијата изнесува 18,6 милиони евра и штом ќе завршат сите процедури во овој објект ќе биде ставен во функција и електронската наплата на Коридорот 10 – изјави Сугарески при денешната посета на новиот објект.

Преку Центарот во прво време ќе се контролираат сите патарини на коридорите 10 и 8, а во иднина со него ќе бидат поврзани и камерите што за една до две години треба да бидат поставени долж сите автопатишта, и контролните пунктови во Неготино кај автопатот Демир Капија Смоквица и тој што ќе се гради во Кичево за автопатот кон Охрид. Има и посебен кол центар каде ќе може да се пријават проблеми на патиштата, а дел од објектот ќе биде наманет за архивски материјали.

– Од Центарот ќе може да се контролира и мониторира целиот сообраќај во Македонија. Што било да се случи да не се создаваат колони од автомобили и да не се чека на пример за сообраќајка која го запрела патот, навреме да може да се пренасочи сообраќајот и да се интервенира и со амбулантни и противпожарни возила. Ова ќе биде окото на целата патна инфраструктура во Македонија – изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

Според Китанов, патарините Романовце, Сопот, Отовица, Петровец и Миладиновци ќе може да се пуштат за 15-20 дена, а за целосна електронска наплата од Табановце до Гевгелија треба да се почека и патарината кај Градско која би била готова за месец и половина. Електронска наплата ќе има и на новите патарини кои се градат кај Демир Капија и Гевгелија.

– Очекувам на крајот на април или мај да завршат првин активностите кај Гевгелија. За жал, кај Демир Капија не се направени добро проектите, се работи на отстранување на свлечиште и очекувам со крајни сили во јуни да ја фатиме сезоната бидејќи ќе ни се јави еден друг финансиски проблем. Во меѓувреме ќе го пуштиме новиот автопат Миладиновци Штип, и сите кои патуваат во Источна Македонија нормално ќе одат по тој пат, што значи дека прометот ќе падне на Сопот и на Отовица. Патарините на Миладиновци Штип ги почнуваме сега затоа што претходно не биле проектирани и не биле извадени дозволи за градба, што сега е завршено. Со нов заем од ЕБОР ќе се градат двете патарини, и во тој период ќе има бесплатно возење – појасни Китанов.

На патарините на Коридор 8 се поставени нови кабини, претстои промена на софтверот и поставување камери за кетегоризација и читачи.

На стартот на новиот електронски систем за наплата, со кој патарина ќе се плаќа безконтактни смарт картички и со микробранови транспордери, одреден временски период ќе има можност и за палќање во готово.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...