Зошто медиумите го злоупотребија младиот инженер Герасимовски?

„Во меѓувреме јас магистрирав и се вработив, а политичките случувања воопшто не ме интересираат“, напиша тој.

3017

Александар Герасимовски, еден од најдобрите студенти на УКИМ во студентската 2016/2017 година, вчера без негово знаење се најде на насловните страници на голем број портали. Неговото име се поврза со вработувањето на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши од последниот оглас на компанијата МЕПСО.

Герасимовски иако не конкурирал на последниот оглас на МЕПСО каде што се бара правник, а не машински инженер, сепак беше ставен во насловите на медиумите заедно со неговиот висок просек и добиена награда од претседателот на државата, во контекст на вработувањето во МЕПСО на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши која патем има завршено Правен факултет.

„Јас ги замолувам сите медиуми што објавија ваква или слична вест без мое знаење и моја согласност да ги повлечат. Јас немам никаква врска со министерот и не сакам да ме поврзуваат во било каква конотација со него или со било кој друг. Разни портали и личности се поврзуваат на моја изјава од пред една година на порталот fakulteti.mk и ме злоупотребуваат за нивни политички цели. Освен таму не сум дал никаква изјава на никого“, напиша на својот профил на Фејсбук, младиот инженер свесен дека е злоупотребено сѐ она што го кажал во текстот за порталот.

Герасимовски инаку дипломирал во учебната 2016/2017 на Машинскиот факултет во Скопје со просек 9,95. Работи во приватна фирма и е на постдипломски студии. Младиот инженер е и добитник на признанието „Инженерски прстен“ што го доделува претседателот на државата.

Токму неговата приказна за fakulteti.mk во која наведува дека по дипломирањето се обидел да се вработи по програмата за вработување на најдобрите студенти во државни институции и во државните компании ЕЛЕМ од каде што добивал стипендија и МЕПСО и бил одбиен, вчера го искористија медиумите за пласирање лажна вест.

Герасимовски во барањето да се повлечат информациите во кои е ставен без негово знаење вели дека политиката не го интересира.

„Во меѓувреме јас магистрирав и се вработив, а политичките случувања воопшто не ме интересираат“, напиша тој.

Денеска реагираа и од МЕПСО од каде што тврдат дека е објавена лажна вест која им штети и на компанијата на Герасимовски и на медиумите. Тие испратија доказ за злоупотреба на медиумски простор од страна на несовесни лица.

„Во овој случај, е направена штета на угледот на МЕПСО, а веста е лажна затоа што беше злоупотребено името на машински инженер кој не конкурирал на јавен оглас за работно место на кое се бара правник“, се наведува во реакцијата од МЕПСО.

Медиумите денеска ги повлекоа вестите, но злоупотребата на името на овој млад инженер и компанијата МЕПСО останаа. Сепак, нејасно е кои беа мотивите на „новинарите“ на грбот на овој брилијантен млад инженер и иден научник да го оцрнат владеењето на власта и посебно на министерот за економија Бектеши иако непотизмот и сѐ околу него нема потреба да се споредува со најдобрите студенти и нивното вработување.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...