Не сум претседателски кандидат

4707

Понесен од ентузијазмот од решавањето на деценискиот спор со Грција и отворените врати за НАТО и ЕУ, помислував дека партиите заеднички би можеле да свртат нова страница во нашата политичка историја и да се обединат околу консенсуален претседателски кандидат, човек вон од нивните структури. Но, сега разбирам дека и да сакаат, не можат. Вистина, логиката на секоја власт е да контролира сѐ што може да се контролира, особено функцијата претседател. Сепак, во некои земји, во тешки времиња, во интерес на единството, се случувале отстапки од правилото. Македонија не е меѓу нив. Во политички разрушениот амбиент на нашата држава, во кој на политичките опоненти се гледа како на непријатели, безбедносната дилема кај секој политичар и секоја партија е толку усвитена, што тие мораат повеќе да мислат на својот гол опстанок преку зголемување на својата политичка моќ, отколку на интересите на земјата.

Власта ја наследи заробената држава, но нема да може да ја ослободи без опозиција. Опозицијата, пак, ја пропушти шансата отворено да расчисти со сопственото недемократско минато и да го земе факелот на демократијата во свои раце. Во услови на длабоко поделено општество и страшен анимозитет помеѓу партиските раководства, не е можен кандидат за претседател каков што би сакале некои добри луѓе: човек кој е „над политичките поделби“ и  кој ќе се појави во улога на обединител. Едноставно, нема што да се обедини. Како оган и вода. Оттаму, она што ќе следи на наредните избори е само повторување на претходните политички пресметки и поделби кои одново и одново ќе ја туркаат земјата во нови кризи. Се разбира, преку тие пресметки и кризи, со време, може да се роди пристојна демократка политика во пристојно демократско општество, но нема гаранција за тоа. Малите држави, имено, не само што немаат многу време, туку, во меѓународните односи, се движат по тенката острица на ножот.

Во отсуство на секаква комуникација со партиите, и со непријатно чувство дека станувам предмет на манипулација, потсетувам дека не сум претседателски кандидат и барам моето име веднаш да престане да се употребува во контекст на претстојните претседателски избори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...