Со концерт на Македонската филхармонија, утре во 20 часот, во салата на Македонската филхармонија, свечено ќе бидат отворени 41-те „Денови на македонската музика“.
На програмата на концертот се делата: „Три псалми“ за хор и оркестар од Сони Петровски, Концерт за кларинет и оркестар од Панде Шахов и Концерт за виолина и оркестар од Филип Иванов. Под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, како солисти со националниот оркестар ќе настапат кларинетистот Игор Иванов, виолинистот Александар Иванов и камерниот хор „Херувими“.
Свеченоста на 41-то издание на манифестацијата ќе почне со доделувањето на традиционалните награди на СОКОМ: наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело, наградата „Панче Пешев“ за најзначајни достигнувања на полето на музичкото творештво и музикологијата во минатата година и наградата „Георги Божиков“ за најдобра (и континуирана) изведба на дела од македонски автори во минатата година.
„Денови на македонската музика“ е фестивал со долга и богата традиција, посветен на промоција на современото македонско музичко творештво. Повеќе од четири децении манифестацијата што се одржува во организација на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) придонесува за зголемување на интересот и сознанијата за новите начини на музичка експресија и креација. Програмата покрива широк спектар концерти и музички жанрови, како и предавања, работилници, презентации и семинари.
Годинава, и покрај намалената финансиска поддршка од релевантните институции во државата, „Деновите на македонска музика“ ќе понудат раскошна програма со 11 концерти, на кои ќе бидат изведени голем број премиери на македонски дела на автори од различни генерации и стилско-естетски определби. По подолг период, на фестивалската сцена публиката ќе има можност да проследи праизведба на музичко-сценско дело од македонски автор. Станува збор за камерната опера „Помеѓу соништа и летови“ на музика и либрето на Горан Начевски, чија премиера под палката на младиот диригент Иван Еминовиќ, а со солистите Александра Лазаревска-Василевски, Деан Стоев и Невен Сиљановски во главните улоги, публиката ќе има можност да ја проследи на 30 март во Македонската опера и балет.
Просторот на Музејот на градот Скопје в сабота, 31 март, ќе го исполнат звуците на ансамблот за современа музика „Кон темпора“, состав што во изминатите четири години постоење прерасна во еден од најголемите афирматори на современото творештво. Ансамблот ја одржува неопходната интеракција помеѓу македонската музичка култура и светот, континуирано претставувајќи ги новосоздадените дела на македонските автори, но и на композитори од другите делови на светот.
„Деновите на македонска музика“ на последните неколку изданија постојано ги прошируваат рамките на својата програмска концепција, вклучувајќи мултимедијални концерти и концерти на електроакустична и акузматична музика, кои публиката ја носат надвор од вообичаените фестивалски простори во нови, впечатливи концертни амбиенти. Започнувајќи од мини-фестивалот за електроакустична музика „Звучна имерзија“, кој беше реализиран во 2014 и 2015 година, и продолжувајќи со концертите на акузматична музика на претходните две изданија, ваквите концерти редовно привлекуваат нови профили на слушатели. Годинашната програма на фестивалот е збогатена со три вакви настани. На вториот фестивалски ден (петок, 23 март) во киното „Култура“ на програмата е мултимедијален концерт, на кој ќе бидат претставени композиции на Иван Пенов, Дарија Андовска и Влатко Георгиев.
В недела, во Музејот на градот Скопје публиката ќе има можност да го проследи авторскиот концерт „Прајвет мјузик“ на Кокан Димушевски, автор чиј истражувачки дух и љубопитност придонесуваат кон исклучително богат и еклектичен творечки опус.
Тој е еден од првите автори што во Македонија започнуваат да експериментираат со новите технологии и електрониката во современото творештво и класичните формации. На концертот Кокан Димушевски на електронски инструменти, заедно со Љубиша Кировски на виола, премиерно ќе изведе четири нови композиции создадени од авторот на почетокот на оваа и минатата година. Традиционално секоја година, „Деновите на македонската музика“ својот подиум им го отстапува на најмладите уметници, кои в среда, на 28 март, ќе се претстават со аудиовизуелниот перформанс „Монохроматика“. Проектот е иницијатива на група студенти што својата инспирација ја наоѓаат во современиот пристап кон уметничкиот перформанс и интерпретацијата на класични и нови музички дела.
„Деновите на македонската музика“ и на ова издание на својата публика ќе ѝ овозможи откривање современа музика на блиски и далечни културни средини. Фестивалот ќе биде домаќин на врвни музичари од Албанија, Израел и од Германија, кои ќе го претстават својот избор од нашето и актуелното творештво од земјите и културите од кои доаѓаат. На овој начин, ДММ продолжува да поттикнува значајна меѓукултурна размена и да создава инспиративна база за меѓусебна комуникација и интеракција помеѓу музичарите, композиторите и публиката.