Италијанскиот вице-премиер и министер за внатрешни работи, Матео Салвини, денеска најави дека ќе побара ставање крај на операцијата „Софија“ на ЕУ, чија задача е спречување на илегалниот транспорт на мигранти преку Средоземното Море, доколку Брисел не прифати промени во правилата за нејзино спроведување.
Според Салвини, Рим бара промена на правилата на „Софија“, затоа што во сегашни услови најголемиот товар од нејзинотo спроведување паѓал на грбот на Италија.
Салвини посочи дека со договорот за оперцијата „Софија“, што го потпиша поранешниот италијански премиер Матео Ренци, се предвидува сите спасени мигранти во централниот дел на Медитеранот да се превезуваат во Италија.
– Не знам што добил (Ренци) за возврат. Но, или правилата ќе се променат или оперцијата ќе заврши, изјави Салвини за радиото „Анкио“.
Германија вчера реши времено да го суспендира своето учество во операцијата „Софија“, поради „негативните ставови на Италија“ за истоварувањето илегални мигранти на италијанска територија.
Извор од Кабинетот на високата претставничка на ЕУ за надворешна плотика и безбедност, Федерика Могерини изјавија дека Унијата е подготвена да ја запре операцијата, доколку Италија повеќе не сака да учествува во неа.
Според него, оценката на Брисел е дека операцијата претставува „одличен дел од одбранбената политика на ЕУ“ и дека таа успешно се спротивставила на трговијата на луѓе, која „речиси е запрена“.
– „Софија“ ја доведе цела ЕУ во Медитеранот, каде што Италија беше сама во 2015 година, посочи истиот извор.
Операцијата „Софија“ започна во 2015 година со цел да ги спречи шверцерите на луѓе во илегалниот транспорт на мигранти од африканскиот брег до Европа. Во рамки на мисијата досега се уапсени 140 лица осомничени за трговија на луѓе и уништени се над 400 пловила за илегален транспорт на мигранти.
Покрај ова, мисијата има за цел и да ги обучува припадниците на либиската крајбрежна стража во справувањето со шверцерите на луѓе, како и да го контролира почитувањето на ембаргото за извоз на оружје во Либија.
Сегашниот мандат на мисијата беше обновен лани во декември и тој истекува кон крајот на март.