Шефицата на Канцеларијата на Европската Унија во Косово, Наталија Апостолова тврди дека Брисел нема да поставува нови услови за либерализација на визниот режим за косовските граѓани и дека сите услови за затворање на овој процес веќе се исполнети, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Апостолова, „топката сега е во дворот на членките на ЕУ“ и тие треба да ја донесат одлуката за укинување на визите.
– Минатата година косовската политика објави дека визната либерализација ќе се случи до крајот на годината. Сакам да нагласам дека Европската комисија ја заврши својата работа, даде препорака до Парламентот и Советот на ЕУ, така што топката сега е во дворот на земјите членки за да ја донесат одлуката, изјави Апостолова за приштинската РТВ 21.
Според претставничката на Брисел во Приштина, косовската страна веќе ги има исполнето сите услови кои ѝ беа поставени во преддоговорите за укинување на Шенген-визите.
– Тврдам дека веќе нема да има нови услови што се однесува до прашањето на визната либерализација и дека сите предуслови кои требаше да бидат исполнети од страна на Косово сега веќе се исполнети, изјави Апостолова.
ФОТО: Викимедија