Лианг Хуа, шефот на кинескиот технолошки гигант Хуавеј, предупреди дека компанијата би можела да се повлече од пазарите на западните земји, ако продолжи да се соочува со ограничувања.
Хуавеј е под надзор на западните влади кои стравуваат дека неговите производи би можеле да се користат за шпионажа.
Лианг Хуа во својот говор на Светскиот економски форум во Давос рече дека компанијата што ја води би можела да ја пресели својата технологија во земји „во кои се добредојдени“.
Тој исто така нагласи дека Хуавеј ги почитува регулаторните правила секаде каде што работи.
Хуавеј произведува паметни телефони, но е и светски лидер во телекомуникациска инфраструктура, особено во следната генерација мобилни телефонски мрежи, познати и како 5Г.
Но, загриженоста поради безбедноста на неговата технологија е се поголема, посебно во САД, Британија, Канада, Австралија и Германија.
На оваа компанија во САД и е забрането да се пријавува на владини тендери, затоа што разунавачките служби ја доведоа во прашање поврзаноста на основачот на Хуавеј со кинеската комунистичка партија.
Водечката британска компанија за комуникациски услуги БТ минатиот месец потврди дека опремата на Хуавеј се отстранува од комуникациските системи кои биле развиени за британските итни служби.