„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на 10 февруари премиерно во Берлин

143

Најновиот филм на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија”, кој е во главната конкуренција на престижниот Берлински Филмски Фестивал, својата премиера пред интернационалната публика ќе ја има на 10-ти февруари, а ќе биде прикажан осум пати во текот на фестивалските денови.

Премиерата ќе биде во главната сала на Берлинскиот Филмски Фестивал Berlinale Palast, чиј капацитет е 1.800 гледачи. Истовремено, во последните две недели беше потврдена и продажбата и дистрибуцијата на филмот во Франција, која е закажана за 26-ти април од страна на агентот за продажба Пирамид. Всушност, ова е само трет македонски филм кој добива целосна кино дистибуција во Франција.

Инаку, „Господ постои, името ѝ е Петрунија” е прв македонски филм кој е избран во главна конкуренција на Берлинале, а пак прв пат по 25 години, односно по „Пред дождот“ во Венеција 1994 година, воопшто да биде во главна селекција на филмски фестивал од А категорија.

– Навистина сме возбудени пред големата премиера во Берлин, дотолку повеќе што целата комисија на фестивалот беше видно импресионирана од нашето дело. Верувам дека и на публиката еднакво ќе ѝ се допадне приказната на Петрунија, особено што преку неа допираме до многу позначајна тема, а тоа е улогата на жената во општество полно со стереотипи, нејзиното место во религијата, но и тоа каков свет ќе ѝ оставиме на жената во иднина“ – вели Теона Стругар Митевска.

Филмот е инспириран од вистински настани во Македонија кога жена прв пат го фати крстот за Водици. Приказната во „Господ постои, името ѝ е Петрунија” се одвива во Штип, во текот на 24 часа по Водици, кога токму Петрунија успева да го фати крстот, но нејзиниот успех е дочекан со револт од страна на локалното население и впрочем целото општество, црквата, системот…

Преку оваа приказна, вели Митевска, допираме до многу посуштински проблем со кој се соочува една жена во главно „машки“ систем, а проблемот е кренат дотаму што дури се истакнува идејата за полот на Бога и важноста на факторот на полот како еден од главните чинители во нашето општество.

Филмот е на „Сестри и Брат Митевски Продукција“ и е комплексна копродукција меѓу Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е и од Агенцијата за Филм на Република Македонија, како и од престижниот Ероимаж фонд и Медиа фондот за развој на проекти. По неговата голема премиера во рамките на Берлинале, што се одржува од 7 до 17 февруари, пред македонската публика прв пат ќе биде прикажан во текот на март.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...