Блокирани сметки на бизнисмени поради неажурирани податоци во банка

Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Одлуката на Народната Банка за методологијата за управување со ризикот од перење пари и финансирање тероризам, сите банки во земјата имаат законска обврска да вршат редовна проверка за ажурираните документи и податоците за своите клиенти, а клиентите имаат законска обврска да ги ажурираат податоците.

490

Неажурирани податоци поврзани со законот за спречување на пари деновиве блокираa голем број бизниси во нивното работење со странство. Бизнисмените се жалат дека биле оневозможени да ги завршат исплатите кон партнерите во странство, а банките тврдат дека ги ограничиле во работата со сметките за да го испочитуваат законот.

– Сакаш да реализираш итна уплата, а од банката ти велат да донесеш документација за ажурирање на податоците. Губиш еден ден за да ја исполниш обврската, а трпи и твојот бизнис, оти не си ја исплатил обврската кон партнерот. Зарем нема полесен начин обврската да се реализира на лице место и да се заврши уплатата – се жали бизнисмен.

Тој, како што изјави, бил блокиран на еден ден, но тоа влијаело на неговото работење.

Друг бизнисмен тврди дека не е навреме информиран за постапката, но смета дека банките би требало на поедноставен начин и побрзо да ја завршуваат постапката за да нема чекање и нервози.

– Можеби сум бил информиран преку е-мејл, но не сум забележал, но тоа не би требало да биде проблем, ако банката ажурирањето го реализира брзо, а јас како нивeн клиент ја завршам побрзо постапката и продолжам да ги реализирам обврските кон другите партнери без застој – вели тој.

Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и Одлуката на Народната Банка за методологијата за управување со ризикот од перење пари и финансирање тероризам, сите банки во земјата имаат законска обврска да вршат редовна проверка за ажурираните документи и податоците за своите клиенти, а клиентите имаат законска обврска да ги ажурираат податоците. Ажурирањето на податоците се врши секои три години.

Од НЛБ Банка велат дека за обврската за ажурирање на податоците клиентите биле известени и потсетени повеќе пати.

– Преку пошта и eлектронска пошта, изводите од трансакциските сметки и преку известување во НЛБ Проклик – Електронското банкарство за правни лица. Благодарение на потсетувањата од Банката, поголемиот број од клиентите ги ажуририраа своите податоци до зададениот рок 15.01.2019 година. Кај малиот број на клиенти кои не ја исполниле својата обврска, не станува збор за блокирање, туку за ограничување за работа со сметката. Притоа веднаш по доставување на документација, клиентите можат непречено да продолжат со своите тековни активности и работење со трансакциските сметки – велат од НЛБ Банка.

Од Банката додаваат дека нивните клиенти можат да ја преземат Апликацијата за ажурирање од официјалната веб стрaница на Банката или од најблиската експозитура, брзо и едноставно да ја пополнат и со пропратната документација да ја достават во било која од 54 експозитури на НЛБ Банка низ земјата.

Во Комерцијална банка, пак, моментално се ажурираат податоците.

– Комерцијална банка ги извести клиетнтите за оваа обврска притоа оставајќи соодветен временски период во кој е потребно да се достави потребната документација до Банката. Рокот за доставување на потребната документација за ажурирање на податоците не е поминат и клиентите непречено ги вршат своите активности – велат од Банката.

Слична е состојбата и во другите банки.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...