„Сони“ ја преместува европската централа во Холандија

Заминување од Лондон, исто така, најавија повеќе јапонски финансиски институции.

88

Јапонскиот технолошки гигант „Сони“ одлучи својата европска централа да ја премести во Холандија од Велика Британија, поради излегувањето на земјата од Европската унија.

– Ќе ја преместиме нашата европска централа во Амстердам – изјави претставник на компанијата и додаде дека целта е избегнување царински процедури.

„Сони Јуроп“ така ќе премине под нова филијала основана во Холандија и ќе остане во ЕУ и после Брегзит. Сепак, британската компанија и понатаму ќе го води извозот и продажбата во регионот, и никој нема да биде отпуштен.

Сони се одлучи на овој чекор за да ги избегне бројните царински и регулаторни контроли во случај на Брегзит без договор, што е се поизвесна можност откако британскиот Парламент минатата недела го отфрли предлог договорот со Брисел.

Друга јапонска компанија „Панасоник“ минатата година донесе слична одлука поради даночни причини.

Заминување од Лондон, исто така, најавија повеќе јапонски финансиски институции.

Јапонските компании во Велика Британија инвестирале повеќе од 60 милијарди долари и вработуваат 142.000 луѓе. Меѓу 879 јапонски компании во Велика Британија се и производителите на автомобили Хонда, Нисан и Тојота.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...