Ердоган и Путин ќе разговараат за Сирија и билатералните односи меѓу Турција и Русија

55
ФОТО: EPA / MICHAEL KLIMENTYEV

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин денеска ќе ја одржат првата тет-а-тет средба во 2019 година, јави агенцијата Анадолија.

За време на еднодневната работна посета на Ердоган на Москва, двајцата лидери ќе разменат мислења за регионални и меѓународни прашања, особено за Сирија, како и за билатералните односи меѓу Турција и Русија.

Во пресрет на посетата, рускиот дневен весник „Комерсант“ минатата недела објави статија на Ердоган под наслов „Турско-руската соработка, клучна за решавање на кризата во Сирија“.

– Ние нема да бараме совет за тоа како да се справиме со една терористичка организација, чии активности се насочени против нашите граѓани повеќе од 30 години, или да бараме дозвола за борба против тероризмот… Го задржуваме правото, при создавање соодветни услови, да ги гониме терористите кои ѝ се закануваат на нашата земја од сириска територија – напиша Ердоган во статијата.

Ердоган истакна дека Турција нема проблем со сириските Курди, ниту со другите групи кои живеат во границите на соседната земја, потсетува Анадолија.

Нагласувајќи дека повлекувањето на САД од Сирија е чекор во вистинската насока, Ердоган истакна дека „Сириската криза можат да ја решат само оние земји кои имаат корист од заздравувањето на сириските рани и кои ќе бидат повредени од нивното продлабочување“.

Ердоган и Путин имаа седум тет-а-тет средби во 2018 година и 18 телефонски разговори во кои е дискутирано за билатералните односи и случувањата во регионот, особено во Сирија, подвлекува Анадолија додавајќи дека Ердоган и Путин минатата година се сретнаа и на маргините на вкупно шест самити.

ФОТО: EPA / MICHAEL KLIMENTYEV

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...