Знаете зошто честопати нашите критики звучат како хистерија и мрчење, иако обединуваат еден општествен дух, иако се оправдани и најчесто аргументирани, и потоа на власта им е лесно да нė оцрни? Затоа што сме сведени, сепак, на поединци, едно несистематизирано, неструктурирано мнозинство, кое е атомизирано и апатично, оставено без вистинска организирана и конструктивна опозиција, без контролни механизми, без посреднички тела.
Останаа само медиумите – и таму наjголем дел се или рециклирани режимлии или нови слуги на власта, нема синдикати, нема слободни пратеници, ретки се здруженијата на граѓани кои успеваат да се обединат околу поголемите политички прашања, или воопшто да ги инкорпорираат и адресираат темите и проблемите кои не обединуваат во маката.
ВМРО-ДПМНЕ е секако пронаоѓачот на најдеструктивниот македонски популизам. Но, ако нивниот популистички патент не е депозитиран, тоа е само затоа што ни тие самите не можеле да замислат дека само неколку години подоцна нешто помлади генерации, пред сė растени во осумдесетите и деведестите, заедно со непроменливите и остарени номенклатури и бизнис елити, во тој општествен пустош и константен регрес, во рамките на тој поедноставен и осиромашен дискурс, ќе ги надминат на полето на демагогијата и лажните ветувања.
Фактот, дека ВМРО–ДПМНЕ сė уште успева кај некои да се претстави како умерена партија, е најдобра потврда дека процесот кој тргна од нив самите, не да победи, туку растури во ова општество, создавајќи врски помеѓу Лидерот и Народот, кои се уште подиректни, уште поемотивни, и во некои аспекти подеднакво насилни и саможиви по судбините на неклиентелистичката популација.
Немаме ни соодветен претседател, а и да го добиеме, повторно ќе произлезе како договор меѓу непретставилната ДУИ и неспособниот СДСМ, и наместо да биде и мала свеќа како онаа на Џепето во стомакот на китот, ќе добиеме нов партиска слуга, или уште една изолирана и церемонијална индивидуа. Фактот, пак, дека се ложат на нови избори, е само потврда колку интересите на земјата и народот ги ставаат позади оние на партијата. Е тоа е финалната победа на Груевизмот.
Оваа власт не може да излезе од нормализацијата на тој регрес. Напротив, во земја и општество кои имаат потреба од радикални и храбри реформски политики, во нивно отсуство, темните страни на нашата земја само ќе добијат на сила и ќе се радикализираат. Власта премногу се потпре на системот на режимот, и на премногу малку полиња, пребавно и неажурно се спротивставува на веќе постоечките моќи и компромиси.
Кога таа веќе изгубена надеж и доверба дефинитивно ќе потонат, овој народ веќе ќе биде неспособен да поверува во политичар или добронамереник кој ветува поголема социјална правда, владеење на правото, чиста околина, екологија, или што било што не може лесно да се квантификува, кое не може веднаш да се оствари, но кое бара веднаш храбри и издржани чекори, односно видлива стратегија и инвестиции.
Со други зборови, сė уште сме заробеници на партиска држава и клиентелистичко општество, кои само се нормализираат, додека она малку живо општествено ткиво во државата се убива, брка или маргинализира.
Утре ќе се јави поголем и пострашен деструктивец, кој понесен од разочараноста, само ќе копа во најдлабоката кал на нашето постоење, на нашиот бес, на нашите најниски емоции и импулси. Опасноста е токму таа, кога не ги менуваш реално работите, кога продолжуваш со праксите на деструктивците, да ги легитимираш нивните пракси и резони.
Затоа и денес дури и добромислечките поединци, испаѓаат како непријатели на самите себе си и на овој очаен обид да се извлечеме од калта. Прво зашто власта не е доследна, или не е доследна на сите полиња каде тоа е неопходно.
Ако заклучиме дека Царовска и Димитров се експерти во својата струка, и дека знаат да ја поместат политичка волја заедно со глобалната конјуктура, тогаш јасно е зошто само кај нив двајца има подобрување. Ова другово е неспособна партиска болумента која само штети, затоа што се нема способни луѓе и се нема неопходната политичка волја за подобри кадри.
Останува фактот дека пред сė ни е потребна експертска влада. Дека ни е потребно, ние уморните и преживеаните на режимот, непокорените, но папсаните и оштетените, пак да се активираме, пак да се заложиме, повторно да се обидеме некако да се здружиме.
Критиките наши не се деструктивни, но во поголемата приказна, ем делуваат како хистерични, ем само го антагонизираат и оддалечуваат тој што ни ветуваше промени. Се сведуваме на една машина за оцрнување, кога тоа е последното нешто што го посакуваме. Нė злоупотребува неспособната опозиција против неспособната власт, или неспособната власт против остатокот од очајното и апатично општество. Ние сме јазикот на демократијата, но тој трпи дисторзии, не си помагаме, ниту нешто заедно менуваме. Јазикот на постојанато викање, на милион статуси кои ги објавувам секој ден, не е мојот јазик, тоа е јазикот на една десница, прљава и параноична, која постои, што поради нивната природа, што поради нивните тесни потреби.
Тешка е оваа контрадикција, замката во која сме фатени, и човек нема решение, освен да ги согледа сите страни, и да се обиде секогаш да повикува на заедница, на окрупнување, кое ни самиот не знае повеќе како да се изведе. Судбината на разумните луѓе и вистинските демократи е што сме осудени да го докажеме тоа што го тврдиме, иако тоа што го тврдиме е веќе докажано и пред очите на сите. Затоа ни треба да збориме за политика, да бидеме политика, додека политиката ја нема никаде околу нас или е глува пред нашите барање.
За секоја критика, за секој иден протест, ќе не осудат за параноја и деструктивност. Но, ете прашањето на крајот останува. Како до алтернативата, другари? Време е да се мучне главата, бидејќи вака само поединечно пропаѓаме.
ФБ статус на авторот