Малески се качува на Водно

Нам нема да ни биде тешко да добиеме подобар претседател од лудакот кој се уште мисли дека е претседател, но тоа во овој момент нема да биде доволно. Потребна ни е личност која ќе биде знак дека играта сме ја издигнале на повисоко ниво. Макар над двопартијноста со својата категорична конфронтација и ултимативна конфликтност или над еднопартискиот триумфализам со сите предизвици и проблеми што ги носи.

4691

Ќе биде многу добро ако Македонија разбере дека на претседателските избори нема да бира само претседател, туку нешто повеќе од тоа, нешто што е над самата функција, важен знак за општата и политичка вредносна ориентација, поглед зад хоризонтот што го затвора претседателската резиденција на Водно.

Се надевам дека политичката елита ќе ги искористи претседателските избори за да се дистанцира малку од самата себе и од своите луѓе, од своите манири, навики, интереси и одговорности, да се заложи за човек надвор од себе, да се обиде на тој начин да го урамнотежи и хармонизира, можеби и обедини општеството, да освои нови простори за политиката, да ја рехабилитира  политиката и да ги ресетира управувачките моќи на државата и спремноста на општеството да биде управувано во името на заедничките цели и интереси. Да дојдеме до нов општествен договор за да ги санираме последиците од катастрофата што зад себе ја остави еден банкарски чиновник од Будимпешта и неговата злосторничка инсталација позната под името вмро-дпмне.

Затоа бев рекол дека професорот Денко Малески,со својата ученост, тактичност, толерантност, кооперативност, принципиелност, искуство и исправни ориентации и ангажмани во низа сложени ситуации низ кои минуваше Македонија, со своето кристално чисто портфолио, без морални и правни флеки, може да ја донесе таа нова димензија. Неговата европскост, неговиот модерен и реален поглед на светот, на состојбите и тенденциите во светските работи и на реалните форми низ кои Македонија може да се реализира во тој и таков свет, се навистина многу силни препораки. Тоа е многу важно.

Нам нема да ни биде тешко да добиеме подобар претседател од лудакот кој сѐ уште мисли дека е претседател, но тоа во овој момент нема да биде доволно. Потребна ни е личност која ќе биде знак дека играта сме ја издигнале на повисоко ниво. Макар над двопартијноста со својата категорична конфронтација и ултимативна конфликтност или над еднопартискиот триумфализам со сите предизвици и проблеми што ги носи.

Еднаш веќе напишав дека Шекеринска би била подобар претседател отколку што е министер за одбрана. Многу подобар. Бујар Османи е еден од најталентираните политичари во Македонија и верувам дека функцијата би ја вршел на општо задоволство, ако во меѓувреме успее да излезе чист од истражните постапки во кои е, ми се чини, осомничен. За Никола Димитров и да не зборувам, тој е интелектуално, политички и дипломатски профил каков што многу лесно би се вклопил во уставните прерогативи на претседателот, во комплицираните времиња што претстојат. И Пендаровски би можел да влезе во оваа конкуренција, затоа што мислам дека има капацитети за претседателската функција.

Но, специфичните очекувања, она што јас го нарекувам критериум над самата функција, го фаворизираат во моите очи господинот Малевски.
Башка што професорката Мирјана би била прекрасна прва дама.

Фактот дека ДУИ излезе со недвосмислен став во врска со потенцијалната кандидатура на Малески е сериозен плус во однос на шансите на професорот. Се надевам дека и анализите на СДСМ ќе допрат до респект кон критериумите за кои пишував погоре. Освен тоа, изборот на Малески може да ги спречи раслојувањата во партијата на Заев, што може да се случи ако кандидат биде некој од редовите на социјалдемократите.

Конечно, идејата самиот Заев да се кандидира, нема да биде признание за неговата досегашна работа, туку хендикеп за проектите во кои се вложи себе си и во кои ја вложи својата кариера и кои мора да остане да ги довршува. Историјата го помилува и тој веќе е член на најексклузивниот клуб на големите фигури на македонската политика и државна реализација. Новите признанија и амбиции ќе доаѓаат и ќе одат од и во други насоки. Тоа не е без врска со оценката дека идејата за предвремените парламентарни избори заедно со претседателските, во оваа тура, не е добра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...