Од предметите што демонстрантите во неделата ги фрлаа кон полицијата и полициските кордони во неколку делови околу грчкиот Парламент, наполнети се 86 вреќи отпад, објави грчката новинска агенција, повикувајќи се на извештај од надлежните полицајци.
– Чиста среќа е што немаше жртва за време на инцидентите, поточно за време на нападот врз парламентот, во неделата. Од предметите што беа фрлени кон полициските сили во дворот на парламентот: камења, железа, мермер, дрва… се наполнија 86 големи кеси за ѓубре, а прибирањето продолжува. Ова, според информациите на АНА-МПА, е регистрирано во извештајот составен од командирот на единицата безбедност на парламентот – пишува грчката новинска агенција.
Инцидентите во рамки на собирот против Договорот од Преспа, почнаа кусо по официјалниот старт на протестот, траеа речиси три часа, а ниту дождот не ги прекина нападите кон полицијата со разни предмети, но и молотови коктели, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агенција, „фактот што беа користени средства за убиство”, во комбинација со фактот дека „упорните напади беа од различни места кон парламентот“ води кон тоа дека станува збор за организиран план.
– За идеолошкиот идентитет на напаѓачите не треба да има ни најмал сомнеж – пишува АНА-МПА и пренесува дел од испишаните слогани кои упатуваат на слогани од членови, припадници и симпатизери на Златна зора.
ФОТО: МИА