По добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека ПМ10 честичките во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање, од Град Скопје соопштија дека денеска од 18 часот се укинуваат вонредните мерки меѓу кои e и бесплатниот јавен превоз, како и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 20 јануари 2019 година.
„Овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани. И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот“, велат од Град Скопје.