Промоција на најновиот роман „Маџун“ на Влада Урошевиќ

139

Во Кино Култура во четврток во 19 часот ќе се одржи промоција на најновиот роман „Маџун“ на еден од најзначајните македонски писатели, академик Влада Урошевиќ. Вовед во делото, и разговор со авторот ќе води Владимир Јанковски, а авторот ќе чита делови од романот.

– Романот „Маџун“ на Влада Урошевиќ е структуриран од три дела и тоа: Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството. Веќе самите наслови на одделните поглавја ја откриваат доминантната тема на детството која како Aријаднина нишка се провлекува низ многуте лавиринтски патеки на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Зашто, романот „Маџун“ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман-загатка…
Композициски, „Маџун“ промовира една исклучителна култура на сеќавањето која ги проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата… Авторот користи колажна техника во нелинеарната нарација, со што внесува особена драматичност во и онака драматичното дејствие – виорот на војната.
На микрокосмосот на детството како тематска доминанта, нормално, ѝ одговара детската визура на светот која внесува очудување на рационално уредената реалност. Во оваа пригода, треба да се нагласат уште неколку карактеристики на оваа проза како што се: мајсторскиот опис, леснотијата на раскажување приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија; сите тие го збогатуваат совршениот раскажувачки стил и придонесуваат за високиот степен на култура на јазикот и изразот, повеќекратно потврдени преку писателската практика на Урошевиќ – вели професорката  Лидија Капушевска-Дракулевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...