Загаденоста урива рекорди, градежниците не ни помислуваат на пауза

Една од препораките е и градежните фирми да паузираат со градење додека не се подобри состојбата на воздухот.

216

Ретко кој од градежниците ја почитува препораката на Град Скопје да запрат со градбите поради енормното загадување на воздухот. Од Градот гарантираат дека сопреле градежните работи само на градилиштата кои се под нивна надлежност. Од Градот објаснуваат дека до приватните инвеститори може само да апелираат да паузираат со градба, но не и да ги спречат, бидејќи толку им се надлежностите.

Поради преголемата загаденост на воздухот во Скопје, согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух, на барање на Владата и Министерството за здравство, Градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот.

Една од препораките е и градежните фирми да паузираат со градење додека не се подобри состојбата на воздухот.

– Овие мерки се преземаат по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно над 188 μg/m3 на мерните станици во Карпош, Центар и Ректорат. Една од мерките која се спроведува е и таа за прекинување на сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност, поточно сите места каде Град Скопје или неговите јавни претпријатија се појавуваат како инвеститор – велат од Град Скопје за Плусинфо.

Оттаму објаснуваат дека тука влегуваат реконструкциите на улиците и булеварите (Босна и Херцеговина и втората фаза на изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош), велосипедски патеки, реконструкции на канализации и водоводни мрежи и слично.

Но, на забелешката дека градежниците во Скопје не сопреа со градбите, од Градот велат дека имаат ингеренции само да препорачаат, но не и да казнуваат.

– Сите градилишта кои беа во наша надлежност ја почитуваа наредбата дадена од страна на Градот. Дополнително, Градот Скопје упати апел до општините да ја следат оваа мерки. Треба да потенцираме дека оваа мерка е на ниво на апел за приватните инвеститори, а не на ниво на забрана или мораториум и ние немаме механизам да ги санкционираме доколку тие не се придржуваат до оваа мерка – велат од Градот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...