Србија во првата половина на оваа година повторно би можела да има вонредни парламентарни избори, а на тоа укажуваат неофицијалните најави во медиумите, резултатите од истражувањата за рејтингот на политичките партии и најблиските соработници на српскиот претседател Александар Вучиќ, а на крај и самиот Вучиќ, додека од страна на опозицијата стигнуваат пораки дека изборите треба да се бојкотираат, бидејќи не постојат фер и демократски услови.
Испитувањето на пулсот на јавноста почна уште кон крајот на 2018 година со тврдењата на владејачката Српска напредна партија (СНС) дека со критиките на политичката сцена се доведува во прашање легитимитетот на партијата и дека најдобро решение е тоа да се провери на избори.
Следеа наводни несогласувања на партиските челници на СНС со водството на партијата и шефот на државата, според кои, врвот на партијата е за избори, додека Вучиќ новиот вонредено излегување на гласачите на бирачките места го гледа како работа од државен и национален, а не од партиски интерес.
– Уште пред 15 дена ќе распишев избори ако беа во прашање партиски причини – рече на почетокот на јануари Вучиќ, истакнувајќи дека клучен фактор според кој ќе се води ќе бидат државните, а не партиските интереси и дека тоа зависи од многу други работи, но дека секој пат кога постои сомнеж во легитимноста на власта важно е таа сомнеж да се отстрани.
Белградски „Вечерње новости“, кој е близок до српскиот претседател и до владејачката коалиција, овој викенд објави дури два датума кога би можеле да бидат распишани вонредни избори.
Тврдејќи дека водството на СНС и шефот на државата Александар Вучиќ се блиску до одлука Србија на пролет да оди на вонредни парламентарни избори и ако тоа е во согласност со врвот на партијата гласачките места ќе бидат отворени на 31 март или 14 април, пишува „Новости“, повикувајќи се на неофицијални извори.
„Вечерње новости“ во вчерашниот број објави истражување, според кое, СНС има доверба од 55 отсто од избирачите со оценкаа дека „протестите не ја загрозуваат“ таа доверба, што исто така е и алузија на пораките и барањата на протестните собири во Белград.
На протестите, кои траат веќе седум викенди по ред, оваа сабота беше побарано од Вучиќ да се повлече од власта, а се бара и слободен пристап до медиумите со национална фреквенција, каде што доминираат актуелната власт и владејачката партија и како фер услови за сите политички опции.
Демонстрантите порачаа дека мора да се воспостави систем во кој победниците на изборите ќе бидат „сервис на граѓаните, а не власт по секоја цена“.
Целта на опозиција и протестите – држава на закони, се бараат фер избори
Реагирајќи на таа порака, еден од основачите на коалицијата Сојуз за Србија (СЗС) Драган Ѓилас, некогашен лидер на Демократската партија (ДС) и поранешен градоначалник на Белград, во авторски текст во весникот „Данас“ наведува дека „заедничка цел“ на опозицијата и протестите е „држава во која владеат законите, а не насилници, институции кои ги штитат интересите на граѓаните, а не на партиите, слобода на мислењето и изразувањето за сите, а не само за луѓето на претседателот“.
– Потребна ни е држава по мерка на граѓаните, а не на еден човек – нагласи Ѓилас.
Меѓу аналитичарите кои тврдат дека изборните услови не се разликуваат од вообичаените демократски стандарди, владее убедување дека опозицијата не треба да учествува на изборите ако нема промени што ќе го донесат изборниот процес на ниво од приближно еднакви и фер услови за учесниците во политичката сцена.
Цвијетин Миливојевиќ од агенцијата „Прагма“ метафорично вели дека опозицијата треба да излезе на избори само ако е склона на политичко самоубиство.
– Ако опозицијата има суицидни намери, тогаш нека излезе масовно. Ако излезе под вакви услови, а притоа Вучиќ не се изјасни за својот план за Косово ќе поминат како боси по трње. Единствено решение е активен бојкот додека не се изборат за колку-толку нормални услови, макар како на изборите во 2012 – вели Миливојевиќ.
Со фактот дека опозицијата нема пристап до „ниту еден медиум со национално влијание“, ниту на таквите медиуми може да каже нешто, Миливојевиќ укажува на дополнително отежнителна околност.
– Таа во таквите медиуми се споменува само во негативен контекст како ајдучка, криминална, женомрзачка… Мислам дека активен бојкот на најголем дел од опозицијата би бил позитивен притисок врз Вучиќ за конечно да сфати дека е завршена приказна во која тој се натпреварува сам со себе – вели Миливојевиќ.
Вучиќ не ја отфрла можноста за вонредни избори
Од партискиот табор на Вучиќ стигнуваат аналитички пораки, според кои, одлуката за распишување вонредни избори во Србија наводно се става во контекст на односите на Србија со ЕУ и претстојните избори за Европарламентот, додека на домашна сцена зависи од „државните интереси, Косово и економијата“.
– Затоа и чекаме да се искристализира што ќе се случи со односите во ЕУ. Моите предвидувања се дека Европа поради нивните избори прилично ќе ги забави сите останати процеси – тврди Небојша Стефановиќ, член на Претседателството на СНС, потпретседател на Владата и министер за внатрешни работи.
И самиот Александар Вучиќ порача дека „не ја отфрла можноста и идејата“ за распишување вонредни парламентарни избори, оценувајќи дека тоа сепак „зависи од многу други работи кои се од клучно значење за Србија“.
– Таа одлука е комплицирана – изјави Вучиќ за Радиотелевизија Србија, истакнувајќи дека пред донесување на каква било предлог-одлука таа ќе биде разгледана од страна на Претседателството и Главниот одбор на партијата.
Вучиќ порача дека „за него најважно е Србија да оди во добра насока“, да се отворат нови фабрики и државата да има „најголем можен раст“, да се намали невработеноста, а да се зголемат платите и пензиите.
Тој тврди дека „Србија се бори и се обидува да оствари подобра појдовна позиција“, бидејќи „за иднината на српскиот народ и земјата од пресудно значење“ е доаѓање до компромисно решение за косовското прашање. Повтори дека секогаш е подготвен за разговори и донесување тешки одлуки под услов тие одлуки да бидат компромисни.
Посетата на Путин ја зацврсти десницата
Според најновото истражување на агенцијата ИПСОС објавено вчера во Белград, доколку следната недела се одржат вонредни парламентарни избори, партијата на Вучиќ би освоила 55 отсто од гласовите, а изборниот праг би го минале и опозициската коалиција Сојуз за Србија со 14 проценти и Социјалистичката партија на Србија на шефот на дипломатијата и коалицискиот партнер на Вучиќ, Ивица Дачиќ, со 12 отсто од гласовите.
Директорот на истражувачкото одделение на ИПСОС, Марко Уљаревиќ тврди дека не се гледа дека паѓа популарноста на власта поради протестите на граѓаните и дека имаат екстремно висок рејтинг, околу 55 отсто.
Видливо е дека протестите ги мобилизираат гласачите на СНС да гласаат за неа, бидејќи нивните приврзаници гледаат дека нешто се случува на спротивната страна и тоа влијае на нивната подготвеност да излезат на избори и да гласаат за СНС, оцени Уљаревиќ.
Коментирајќи ги резултатите од истражувањето на јавното мислење, Вучиќ вчера рече дека бројот на неговите поддржувачи „моментно е и нешто подобар“ од податоците објавени во истражувањето на агенцијата ИПСОС.
Истражувањето е правено минатиот петок и сабота на репрезентативен примерок од илјада испитаници.
Оценувајќи го можното влијание на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Србија кај избирачите, претставникот на агенцијата ИПСОС тврди дека престојот на шефот на руската држава ја зајакнал десницата, односно оној дел од избирачкото тело кое се нарекува „традиционалисти“, а кои го сочинуваат од 65 до 75 отсто од избирачите.
Според изборниот календар, редовни парламентарни избори во Србија треба да се одржат на пролет 2020 година. Власта по победата во 2012 досега веќе трипати распишуваше вонредни парламентарни избори, а последните се одржаа на 24 април 2016 година.
ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER