Европските медиуми ја пренесуваат информацијата на „Дејли Телеграф“ утрово дека британската премиерка, Тереза Меј, ја разгледува можноста за измени на спогодбата на помирување помеѓу Ирска и Северна Ирска, јавува дописничката на МИА во Брисел.
„Дејли Телеграф“ тврди дека Меј се подготвува да предложи амандман на Договорот од Светиот Петок од 1998 година со кој се стави крај на децении војна помеѓу Ирска и Северна Ирска. Преку ваквите измени премиерката се надева дека ќе може да ги надмине главните разлики кои се кристализираат пред сѐ околу решението за ирската граница.
Сите страни се согласни дека не смее да има враќање на физичка граница во Ирска, но нема согласност околу начинот да се реализира тоа.
ЕУ предложи таканаречен „бекстоп“, еден вид безбедносна клаузула која може да биде активирана доколку не се постигне трговски договор помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ. Но, поддржувачите на тврд Брегзит стравуваат дека станува збор за стапица со која ќе останат де факто за секогаш во ЕУ и нема да можат да склучуваат самостојно трговски договори со трети земји.
ЕУ одби да и даде дополнителни гаранции на Меј пред гласањето во британскиот парламент минатата недела за да ги убеди скептиците, и договорот за Брегзит беше отфрлен.
Денеска Меј треба повторно да се појави во Вестминстер да ги информира пратениците како планира да продолжи понатаму со повлекувањето на нејзината земја од ЕУ.