Кавадарци подготвува документација за гасификацијата

Тој најави неколку скапи пробни филтри за издувните оџаци за колективни згради. Ќе се определат поголеми загадувачи и ќе им се наместат, за да не загадуваат додека дојде гасификацијата.

186

Кавадарци наскоро ќе добие комплетна физибилити студија за секундарна и примарна мрежа за гасификација. Како што информираше кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, се предвидува изградба на 22 километарска гасоводна линија.

– Ние сме чекор напред. Целта ни е да ги имаме таа студија и основен проект за штом стигне гасот, веднаш да се почне со изведбата. Таа студија ќе оди на седница на Совет на општина, а следува и јавно претпријатие за гасификација. Тоа осбено ќе биде важно за новиот центар на градот, кадешто има најмногу колективни згради и е најзагадено градско подрачје- нагласи Јанчев, зборувајќи за сето тоа што е направено и што ќе се направи на полето на екологијата.

Тој најави неколку скапи пробни филтри за издувните оџаци за колективни згради. Ќе се определат поголеми загадувачи и ќе им се наместат, за да не загадуваат додека дојде гасификацијата.

Потребно е, рече, понатаму исто така како и досега, да се работи на подигнување на еколошката свест, на што е можно поголемо ниво.

– Новиот генерален урбанистички план треба да биде готов наскоро. Тој предвидува дека според закон, треба минимум општината да има 20 квадратни метри по глава на жител зеленило, ние имаме 29, па сме меѓу ретките општини кои имаме плус зеленило по глава на жител. Одобривме изработка на Локален еколошки акционен план кој треба да биде готов во месец јуни. Но и понатаму на зеленилото ќе се посветува внимание, ќе се одржува и зголемува – додаде тој.

Во 2018 се засадени околу 12 илјади багремови дрвца во Ваташа.

– Дадовме три милиони денари субвенција за замена на загадувачки со еколошки грејни тела. Исто така субвенциониравме со 500 илјади денари и набавка на велосипеди. Неколкукратно ја зголемивме хигиената во градот. Ќе поставиме подземни контејнери. Со ЛЕАП ќе ја ограничиме и точно ќе ја дефинираме понатамошната урбана изградба на станбени и деловни објекти – соопшти Јанчев.

Потсети дека општината подготви посебен плац на кој се сака да се тргне земјоделската механизација од градот.

– Во Кавадарци има над четири илјади трактори, земјоделски град сме и се внесува и кал и прашина, меѓу другото се загадува и со тоа – рече градоначалникот, потсетувајќи дека се обезбедија прочистувачи за воздух во градинките и основните училишта, а ќе се обезбедат и за средношколските центри.

Јанчев се осврна и на еден друг проблем, тоа што Кавадарци на дневна основа има 140 кубни метри износ на габарит на комунален отпад. По глава на жител, рече, тоа е страшна работа.

Додаде дека тоа е пет пати повеќе од нормалното создавање на отпад во европски услови.

– Триста литра вода за пиење во секунда стигнува во Кавадарци, а има моменти кога резервоарите ни се на минимално ниво – дециден беше градоначалникот, нагласувајќи дека треба, меѓу другото, да се има и култура за трошење на вода.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...