Харадинај: Ќе имам верба во САД, дури и да не добијам американска виза

79
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај вели дека има верба во САД и дека таа верба нема да избледи дури и доколку не добие или му биде одбиена американската виза, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според косовските и српските медиуми, на косовскиот премиер не му е дадена американсака виза, заради неговото одбивање да ја укине таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, така што не ќе може да присуствува на молитвениот појадок во Вашингтон.

Харадинај на денешната средба со 120 студенти од Виена и Венеција нагласи дека САД го помагаат Косово од 1999 година и затоа неговиот став за таа држава нема да се смени.

– Мојата верба во САД нема да се смени, ниту со виза, ниту без неа. Тие ни помогнаа во 1999 година. Тоа е одлука на една држава и таа нема да смени ништо во мојот однос кон неа – изјави косовскиот премиер.

На средбата со австриските и италијанските студенти, кои престојуваат во Косово во рамки на програмата „Европски мастер во областа на човековите права и демократизацијата“, Харадинај рече дека косовските студенти се разликуваат од европските единствено по тоа што им е ограничена слободата на движење поради одбивањето на Европската унија да ги укине визите за Косово.

– Косово има атрактивна понуда за Европа, како земја со големи човечки и економски ресурси, кои ЕУ треба да ги прифати како вредност и партнерство – изјави Харадинај.

ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...