Сидикатот на прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ бара Владата да го исполни и последниот услов од договорот – смена на раководството на компанијата, соопшти денеска на прес-конференција пред фабриката Синдикатот на „Еурокомпозит“.
– На последната средба од 6 март со вицепремиерот Кочо Анѓушев и двете страни, ние како Синдикат, и Владата, го исполнивме договореното. Штрајкот го ставивме во мирување, добивме една просечна републичка плата, фирмата работи зашто имаме договори со клиенти и фирми, но не е исполнет договорот за смена на раководството за кое се сомневаме дека има направено финансиски малверзации – рече претседателот на Синдикатот Роберт Богданоски.
Даваме, додаде тој, рок од 48 часа за да се исполни ветеното и потоа може да пристапиме кон радикални мерки.
Богданоски воедно изнесе тврдење дека имало одредени притисоци од раководството за откази, а генералниот директор на „Еурокомпозит“ Александар Кузески ги отфрли обвинувањата на Синдикатот и за притисоци за откази и за евентуални финансиски малверзации.
– Разбирам дека вработените очекуваат што побрзо да се реши тешката финансиска состојба во компанијата. Но, нема никакви притисоци за откази, а дел од проблемот, сметам дека е во ревидирањето на побарувањата што ги имаат вработените, зашто дел од нив се во време кога се протестирало и штрајкувало, а според Законот, тогаш се помали побарувањата и не е цела плата – вели Кузески.
Владата, посочи тој, е таа која смета дали раководството може да остане на чело на компанијата или да биде разрешено. Доколу оставката е тоа што ќе придонесе компанијата успешно да продолжи и работите да тргнат на подобро, тоа е најмал проблем и не треба да се дискутира.
– Доколку некој може да го гарантира тоа, јас сум подготвен – рече Кузески.
Тој додаде дека во однос на финансиското работење на компанијата стои зад секој потпис, но оти има инситуции кои може да утврдат за што станува збор.