Во пресрет на зимската сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), руските пратеници одлучија да го продолжат бојкотот на оваа паневропска организација, со што Русија е се поблизу до истапување од неа, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Долниот дом на рускиот Парламент, Државната дума, со големо мнозинство усвои Резолуција за продолжување на замрзнувањето на финансискиот придонес на Русија во Буџетот на Советот на Европа.
Руските пратеници, исто така, одлучија да не испраќаат своја делегација на следната сесија на ПССЕ, што започнува о понеделник. Ваквата одлука може да значи дека Русија нема да учествува во работата на ПССЕ во текот на целата година.
Претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, изјави дека оваа Резолуција е донесена во „интерес на рускиот народ”.
На руската одлука реагираше портпаролот на генералниот секретар на Советот на Европа, Торборн Јагланд, Даниел Холтген, кој нагласи дека „продолжуваат дискусиите за изнаоѓање решение“ за спорот.
Тој потсети дека германскиот министер за надворешни работи Хејко Мас најави дека Берлин сака „активно да придонесе“ за решавање на конфликтот и дека за ова прашање ќе разговара со неговиот руски колега Сергеј Лавров за време на денешнатра посета на Москва.
Советот на Европа, најстарата паневропска организација посветена на заштитата на човековите права и промоција на демократијата, чие седиште е во Стразбур, минува низ сериозна и долга криза во односите со Русија, што започна со руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.
Како одговор на анексија, ПССЕ, кое опфаќа повеќе од 300 пратеници од 47 земји членки на Организацијата, им го одзеде правото на глас на руските пратеници. Москва на ова одговори со неучество на нејзините пратеници во работата на ПССЕ и со прекин на уплатата на своите обврски во Биџетот на Организацијата од 2017 година, кои годишно изнесуваат 33 милиони евра.
Според правилата на Советот на Европа, доколку една земја членка не ги плати своите финансиски обврски две години, ризикува исклучувањето од Организацијата. Русија престана со уплатите на средства во буџетот во јуни 2017 година, со што во јуни годинава би бил исполнет условот за нејзино исклучување од Советот на Европа.
Можното напуштање на Русија од Организацијата, што ќе биде прв таков случај од нејзиното формирање во 1949 година, ќе им оневзможи на руските граѓани да поднесуваат жалби и тужби до Европскиот суд за човекови права.
Во последниве години, Судот донесе повеќе одлуки за осуда на Русија и и наложи да им исплати значителни отштети на противниците на Кремљ и на активистите за заштита на човековите права, меѓу кои и на опозицискиот лидер Алексеј Навални и членките на групата Пуси Рајот.