Со 397 гласа „за“ и 158 „против“, пратениците во Европарламентот го усвоија предлогот за намалување на средствата од европските фондови за земјите членки на ЕУ, што не го почитуваат владеењето на правото, јави дописничката на МИА во Брисел.
Предлогот на Европската комисија има за цел да изврши притисок врз оние земји кои ги прекршуваат правилата на правната држава, како Унгарија и Полска.
Како што беше очекувано, европратениците се поделија на национална линија повеќе отколку на политичка.
Европската народна партија (ЕПП), на која и припаѓа и Унгарска граѓанска алијанса (Фидес) на премиерот Виктор Орбан, го поддржа предлогот, но против него гласаа европратеници од ЕПП од Унгарија.
Шефот на Пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер, кој е кандидат на оваа партија за нов претседател на идната Еврокомисијата, не гласаше по ова прашање.
Поделбата помеѓу „Истокот и Западот на ЕУ“ беше видлива и во редовите на социјалдемократите, каде пратениците од Романија, но и неколкумина од Бугарија, Словачка и Чешка, гласаа против одлуката, иако групата на Европските социјалисти и демократи (СД) го поддржа предлогот
Предлогот треба да биде одобрен и од страна на Советот на ЕУ, односно лидерите на земјите членки, каде неговото усвојување ќе биде многу потешко изводлив.