Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по денешната средба со комесарот за проширување и добрососедска политика на Европската унија, Јоханес Хан, објави дека и во оваа прилика ги нагласил непоколебливите позиции на Косово во однос на патот на интеграција во ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина.
„На состанокот со кoмесарот на ЕУ за проширување, Јоханес Хан, повторно нагласив дека позицијата на Косово е непоколеблива на патот кон интегреација во ЕУ. Во тој правец, забележавме прогрес во европската агенда и по исполнувањето во целост на критериумите за либерализација очекуваме скорешна одлука, за да ни се признае правото за слободно движење“, напиша Харадинај на својата страница на Фејсбук.
Хан денеска престојуваше во Приштина на средба со Харадинај, но во јавноста не беа објавени информации за темите за кои разговарале. Медиумите претпоставуваат дека се разговарало за таксата од 100 отсто од страна на косовската Влада на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, чие укинување упорно го бараат ЕУ и САД, но ниту Хан ниту Харадинај не се појавија пред новинарите за да кажат за што точно разговарале.