Австриски искуства за дуално образование од корист на македонските реформи

Потпретседателот на Федералната стопанска комора на Австрија, Шенц, кој беше придружуван од претставници на австриски компании, членки на комората, ги оцени мерките од Планот за економски раст како добра можност за развој на компаниите.

203

Имплентирањето на системот на дуално образование во македонскиот образовен систем со цел продуцирање на квалитетни и обучени кадри за потребите на македонските компании и економската соработка меѓу двете земји беа тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката за образование и наука Рената Дескоска, заменик министерот Арбр Адеми и делегација од Федералната стопанска комора на Австрија, предводена од потпретседателот Рихард Шенц.

На средбата, како што информираа од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, на која што присуствувала и австриската амбасадорка Ренате Коблер, се презентирани и мерките од Планот за економски раст.

Анѓушев информира дека Владата започна со имплементација на новата индустриска политика, преку мерките од Планот за економски раст, со кои се очекува раздвижување на економската активност во земјата, нови инвестиции и работни места за граѓаните.

– Мерките кои ги донесовме се атрактивни и апликативни и за компаниите кои веќе работат и за нови инвеститори. Очекуваме мерките да имаат позитивни ефекти за технолошки развој на компаниите, што ќе значи повисока продуктивност, ефикасност и конкурентност на македонската економија. За постигнување на одржлив и интензивен економски раст и развој, неопходно е и образовниот систем да продуцира стручни кадри за потребите на пазарот на трудот -рече Анѓушев.

Министерката Дескоска, пак, посочи дека Владата е посветена на реформи во образованието и дека за економијата е значајно образовниот систем да биде применлив во пракса.

– Интензивно работиме на унапредување на образовниот систем, бидејќи квалитетното и соодветно образование е темел на општествениот и економски развој. Целта ни е образовните инстутиции да продуцираат стручни и компететнтни кадри за да се задоволат барањата на компаниите, а со тоа да се намали невработеноста. Наша намера е да ја искористиме позитивната пракса од австрискиот модел на дуално образование и на тој начин да го подобриме школскиот систем, особено во стручните образовни институции – рече Дескоска.

Потпретседателот на Федералната стопанска комора на Австрија, Шенц, кој беше придружуван од претставници на австриски компании, членки на комората, ги оцени мерките од Планот за економски раст како добра можност за развој на компаниите и искажа подготвеност за поддршка во имплементација на дуалното образование во македонскиот образовен систем.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...