Иновативноста и дигиталната технологија ја зголемуваат конкиурентноста, е заклучок од „Самитот на малите земји- нови трендови во бизнисот“
Самитот што минатата недела се одржа во Клиниката „Жан Митрев“, ги даде очекуваните резултати, а тоа ќе биде поттик за Стопанската комора која беше нејзин организатор, и понатаму активно да биде вклучена во имплементирањето на современите технолошки решенија, следејќи ги глобалните трендови од една страна, но и барањата и потребите на компаниите, од друга страна, а во насока на остварување на приоритетите на Европската комисија, дефинирани преку Иницијативата за дигитална агенда, која е елаборирана во Стратегијата 2020 и има за цел да ги интензивира инвестициите и проектите во овој домен.
Идејата за организирање настан кој на едно место ги собра најуспешните македонски бизнисмени и претприемачи домашни и странски реномирани претставници од научната и бизнис-сферата, кои потекнуваат или работат во мали земји, произлезе од заклучоците произлезени од минатогодишната тркалезна маса на тема: „Позицијата на малите земји во меѓународната економија – предности и недостатоци“, иницирана од потребата за поврзување на претприемачите од малите земји со цел нивно заедничко дејствување и соочување со предизвиците за водење бизнис во особено тешки времиња.
Самитот претставуваше одлична прилика на едно место да се спојат искуството на најуспешните бизнис репрезенти од земјата и пошироко, од една страна и креаторите на политиките, од друга страна, давајќи уникатна можност преку презентирање на успешни приказни од примена на новите технологии да се поттикне раст, развој и конкурентност на пазарот, кои се од особена важност доколку се земе предвид брзото и динамично опкружување во коешто тие функционираат.
Дел од темите кои беа опфатени на Самитот беа и „blockchain“ технологијата и поврзаната регулатива, „crowdfunding“ моделите на алтернативно финансирање на бизнисите, роботика и автоматизација во корист на бизнисот и, секако, етичката страна на дигиталниот пазар. Една од темите која побуди големо внимание беше и иницијалната парична понуда (Initial Coin Offering-ICO) која ја „зарази“ Силиконската долина и прерасна во нов светски модел за финансирање.
Всушност ICO претставува нов начин на креирање на капитал каде компаниите преку специјализирани берзи издаваат дигитални валути кои инвеститорите ги купуваат по намалена цена, во замена за нивните парични средства – процес чии темели се базираат на процесот на издавање акции, со тоа што постапката е далеку побрза и поедноставна.
ПИШУВА: Михајло Донев