Белгискиот премиер Шарл Мишел најави дека неговата Влада размислува за нов „итен закон за Брегзит“, за да се подготви земјата за најнегативните сценарија, јави дописничката на МИА во Брисел.
Шефовите на кабинети на белгиските министри ќе одржат состанок во текот на денешниот ден за да размислат за сите можни мерки и да изготват предлог-закон.
Договорот за Брегзит ќе се гласа подоцна денеска во Парламнетот во Вестминстер. Очекувањата се дека тој нема да добие поддршка од мнозинството британски пратеници, што отвора врата за негативни сценарија, како Брегзит без договор или „тврд Брегзит“. Овие сценарија би создале одреден степен на хаос во повеќе клучни области како транспортот или финансискиот сектор во ЕУ земјите.
Мишел побарал од неговите министри уште минатиот месец да размислат за пакет мерки во случај британските пратеници да го отфрлат договорот за Брегзит.
Белгиските компании стравуваат од тврд Брегзит или Брегзит без договор, поради можно воведување на царини, зголемени царински контроли и други трговски пречки.
Белгиската Влада размислува за овој закон за да го намали негативниот импакт на тврдиот Брегзит врз белгиските граѓани и компании. Меѓу мерките кои се на маса се нови вработувања во клучни сектори како царините или пак Агенцијата за безбедност на храната. Белгија ќе бара и гаранции за социјалните права на белгиските граѓани кои живеат во Обединетото Кралство.