Изложба „Скопје – градот на солидарноста“ следната година во Краков

288

Меѓународниот центар за култура во Краков (МЦК) и Музејот на современата уметност во Скопје (МСУ) заеднички ја подготвуваат првата презентација во Полска на феноменот на обновата на Скопје по трагичниот земјотрес во 1963 година и на исклучителните – дури и од денешна перспектива – гестови на солидарност на многу држави, организации и добронамерни луѓе по огромните уништувања и страдањата кои ги претрпеле Македонците.

Проектот на изложбата под наслов „Скопје – градот на солидарноста“ е изработен врз основа на идејата на Амбасадата на Република Полска во Скопје, која веќе неколку години ги помага истражувањата за учеството на Полјаците во тој процес.

– Намера на МЦК и МСУ е прикажување не само на обемот на трагедијата на градот и неговите жители, туку пред сè на необичната обнова, која од градот направила најмодерна бруталистичка престолнина во светски рамки – наведуваат од МСУ.

Според организаторите на изложбата, багодарение на новите проекти, чиј симбол е планот на централното градско подрачје на Кензо Танге, Скопје станало еден од архитектонски најинтересните градови во Европа. За полската публика важно ќе биде потсетувањето на ликовите и делата на полските архитекти и урбанисти, коишто учествувале во враќањето на Скопје во живот. Нивното искуство стекнато при реконструкцијата и обновата на целосно уништената за време на Втората светска војна Варшава, тогаш се покажало неизмерно корисно и исклучително важно.

Изложбата, се посочува, ќе раскаже за Адолф Циборовски (1919-1987) – кој во име на Обединетите нации вршел надзор над процесот на реконструкција, за урбанистот Станислав Јанковски (1911-2002) – раководител на полскиот тим што го изработил планот за реконструкција, како и за Тигрите – тројцата проектанти на седиштето на МСУ – Вацлав Клишевски (1910-2000), Јежи Мокшињски (1909-1997) и Еугењуш Вјежбицки (1909-1991). Голема вредност на презентацијата ќе биде можноста по првпат да ѝ се прикаже на полската публика дел од колекцијата на полска уметност, којашто како дар се нашла во новиот музеј.

– Дела на истакнатите уметници: Тадеуш Бжозовски, Јежи Кравчик, Алфред Леница, Бенон Либерски, Ева Марија Лункјевич-Рогојска, Јежи Новошелски, Тереса Понговска, Хенрик Стажевски, Анджеј Струмило, Рајмунд Зјемски и многу други биле подарени како израз на солидарност на полската уметничка заедница. Треба да се нагласи дека сличен гест направила и меѓународната уметничка заедница, па затоа „соседи“ на полската колекција во музејот ѝ се дела на најистакнатите ликови од светската уметност, какви што се: Пабло Пикасо, Александар Калдер, Ники де Сан Фал, Ханс Хартунг или Виктор Вазарели – се наведува за изложбата.

Изложбата „Скопје – градот на солидарноста“ ќе биде изложена во престижната галерија на МЦК во самото срце на Краков – институција со долгогодишно искуство во доближување на најинтересните појави од културното наследство на широко сфатената Централна Европа. Истовремено тоа ќе биде прва презентација на Македонија во Полска – на нејзиното тешко искуство од 20. век и наследството поврзано со тоа.

По повод подготовката на изложбата во Скопје деновиве престојува делегација на Меѓународниот центар за култура од Краков (МЦК). Во составот на делегацијата се: директорот на МЦК Агата Вонсовска-Павлик, заменик-директорот за програмски прашања Лукаш Галусек и Моника Ридигер – еден од кураторите на изложбата „Скопје – градот на солидарноста“ – стои во соопштението од МСУ.

Изложбата „Скопје – градот на солидарноста“ ќе биде презентирана во Краков од 2 јули до 20 октомври 2019 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...