Индустријата кубури со работници, понудата недоволно стручна

Најсоодветен систем на стручно образование, според бизнисмените, би било дуалното кое се реализира преку јавно -приванто партнерство.

1132

Недостигот на квалификувани работници ќе биде главниот проблем на бизнисот годинава, иако очекувањата се дека политичката состојба ќе биде стабилна, а економската клима поповолна за работа, тврдат од Стопанската комора.

Анализата на Комората покажала дека состојбата во средно-стручните училишта е толку лоша што од нив излегуваат кадри кои немаат потребни знаења и немаат никави практични вештини што дополнитлено го отежнуваат вработувањето на нови работници. Дополнително во овие училишта скоро и да не се запишуваат ученици.

За да се надмине ваквата состојба, велат од Комората, треба да се преземат брзи мерки за обезбедување на работна сила и структурни реформи во средното стручно образование кое ќе даде ефект во иднина.

– Наша препорака е да се изградат механизми за финансиска поддршка на учениците, да се подобри практичната работа, да стимулураат бизнисите и училиштата да соработуваат како и да се опремат училиштата со лаборатотии и потребни средства за изведување на практичната работа. На земјодлеските училишта, на пример, да им се врати земјиштето, но и да се стимулираат наставниците во училишните стопанства. Сето тоа ќе даде ефекти на подолг рок – вели Борис Тримчев од Комората.

Најсоодветен систем на стручно образование, според бизнисмените, би било дуалното кое се реализира преку јавно -приванто партнерство.

Од комората, сметаат дека периодот додека да се овозможи стручно образование според потребите на бизнисите треба да се овозможи издавање на соодветни дипломи на работници кои поседуваат вештини преку неформалните форми на образовани, потоа преку преквалификување и доквалидикување.

– Носител на пазарот на трудот е формалното стручно образование кое треба да обезбеди волумен и квалитет во делот на понудата, но бидејќи се менуваат потребите на пазарот сметаме дека неформалното образование може да го премести тој краткотраен јаз. Сепак, се фокусираме на формалното обрзование, дека токму тоа треба да обезбеди квалификувана работна сила… Не радува фактот што од година во година драстично се менува бројот на компании кои првично вложуваат во развојот на својот кадар, но вложуваат и во соработката со средните стручни училишта како дел од нивната корпоративна политика – рече Тримчев.

Прехранбената, металната и електроиндустријата кои имаат високо учество во извозот и формирањето на домашниот бруто производ, велат од комората, можат да дадат и подобри резултати годинава, со оглед дека и во последниот квартал лани покажуваат високи резултати, ако се надмине проблемот со недостигот на работна сила.

-Деловните тенденции за првите 11 месеци од минатата година дефинитивно покажуваат дека недостигот на квалификувана работна сила со 28,6 проценти е најголем ограничувачки фактор за развој на домашната економија, по што следат недоволната  домашна побарувачка со 16,2 отсто и недоволната странска побарувачка  со 15,7 проценти. Затоа мора да се работи на сите аспекти да се обезбеди квалификувана работна сила за стопанството, доколку сакаме да добиеме подобри резултати наспроти она што веќе е позитивен тренд од 2018 година -рече Даниела Михајловска Василевска од Комората.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...