„Антолог“ ќе промовира две книги од македонски автори

185

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје  најави две книжевни промоции на дела од македонски автори неделава. Станува збор за мотивациската книга Инспирирај се за промени од македонската авторка Мила Виклео и збирката лични сведоштва на поранешниот припадник на Службата за безбедност Љубен Конески насловена УБК одблизу.

Книгата Инспирирај се за промени ќе биде промовирана утре, на денот на пролетта и на будењето на природата, во кафулето „Сиеста“ во Скопје, со почеток во 19 часот.

„Секој има своја приказна. Секој има свој пат, со свои предизвици, со угорнини и падови. И мојата е таква, не е права монотона линија. Во животот поминав многу предизвици. Ако ми кажеш дека нешто те боли, те разбирам, ме болеше и мене, многу. Ако ми кажеш дека те отфрлија, те разбирам и знам како ти било. Ако ми кажеш те повредија, те навредија, пак ќе те разберам, и тоа им го дозволив. Ако ми кажеш дека некого изгуби, знам како ти е, и јас изгубив. Знам што е болка, знам што е тага, знам што е отфрленост. Но знам и што е храброст, упорност и борба за подобро јас од тоа што бев вчера. Никогаш не се откажав, се борев на начин на кој знаев. И секогаш во сè давав сто отсто – вели авторката на книга.

Во сабота во 12 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде промовирана книгата УБК одблизу. Промотор ќе биде проф. д-р Цане Мојановски, професор на Факултетот за безбедност, а модераторка на настанот ќе биде писателката Елена Конеска-Светиева.

Книгата е автентична збирка на лични сведоштва и размислувања на Љубен Конески, поранешен висок припадник на Службата за безбедност во времето на СФРЈ и во периодот на самостојна Република Македонија. Оваа книга е прва од ваков формат во независна Македонија, при што претставник на тајната државна служба преку една литераризирана форма го преставува периодот од животот поминат во редовите на оваа често дискутирана и многу табуизирана професија. Во стил што се наоѓа помеѓу сеќавањето и кусиот расказ, Конески јавно проговорува за познати и не толку познати настани и личности од политичкиот и јавниот живот, фрлајќи нов зрак светлина не само на историските процеси туку и на внатрешните состојби на оваа служба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...