Ексклузивната изложба „100 години Требениште“ по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија ќе ја отвори наскоро. Датумот на отворањето и времетраењето на изложбата ќе ги соопшти официјално оваа недела.
На изложбата ќе бидат претставени златните маски од 6 век п.н.е. и други предмети најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и Бугарија.
Според првичната најава, отворањето на изложбата беше планирано за ноември. Директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев за МИА вели дека одложувањето е поради комплексноста на проектот.
– Ноември 2018 година беше даден како работен термин за отварањето, сепак, процесот на подготовката на оваа изложба, кој е исклучително комплексен, особено подготовката на каталогот и научните трудови и, секако, административно-правните процедури кои се неопходни при ваквите меѓународни соработки, наметнаа потреба од ревизија на овој термин. Следејќи ја високата професионалност поставена од самиот почеток на подготовките на изложбата и во интерес на квалитетот на презентацијата, сите партнери во реализацијата едногласно се согласија за поместување на терминот на отворањето – изјави Санев.
Изложбата „100 години Требениште“ е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народен музеј од Белград, Националниот археолошки институт и Музеј од Софија и Завод и Музеј Охрид. Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид. На изложбата ќе бидат претставени околу 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло.