Албанскиот премиер Еди Рама вечерва во обраќањето пред дипломатскиот кор во Тирана изјави дека неговата земја го подржува дијалогот Косово-Србија и оти него треба да го гарантираат САД и ЕУ.
– Албанија го подржува дијалогот и го поттикнува конечниот договор меѓу Косово и Србија, кој ќе го прифатат и гарантираат САД и ЕУ. Точка! Другите се сиромашни умови и маскарада на политичарите – истакна Рама.
Тој во говорот се задржа и на едно од најжешките прашања во Албанија, неговиот предлог за нов министер за надворешни работи да биде Косовецот Гент Цакај и несогласувањето со претседателот Илир Мета.
Според Рама, Цакај бил нападнат затоа што е „чист“ и оти не го избрал ниту како Косовец, ниту како млад човек, туку како европски Албанец. Тој нагласи дека Чакај не зборувал и не подржувал промена на граници на Балканот.
– Жал ми е што неправедно го напаѓаат. Тие го нападнаа и го повредија неговото достоинство, бидејќи тој е чист и не припаѓа на нашата стара река. Затоа што не може да биде обвинет за ништо. Бидејќи е многу чист. Зошто како Косовец не може да стане министер? Не го избрав Гент Цакај, ниту како Косовец, ниту како млад човек, туку како европски Албанец. Првично започна како советник, а потоа како заменик-министер. Тој никогаш не рече ништо што е во спротивност со нашата надворешна политика – потенцира Рама.
Тој посочи дека Цакај никогаш не се произнел за промени на границите на Балканот, ниту пак интервенирал во прашања како што е она за Косово и Србија.