Околу еден часот по полноќ, ниските температури од -10 Целзиусови степени и мразот предизвикаа напукнување на цевководот за транспорт на пулпа од рудникот Саса до постојката за одложување, при што предизвикано е краткотрајно истекување во локалниот речен тек, информираат од рудникот.
– Дефектот на цевководот веднаш е отстранет од страна на екипите на Рудник САСА, при што истекувањето на пулпата е сопрено и со тоа состојбата е целосно нормализирана. Согласно процедурата во вакви случаи, утринава се земени примероци од водата долж течението на реката кои во текот на денот ќе бидат доставени на анализа во акредитирана лабораторија. По добивањето на резултатите од анализата, рудникот САСА, доколку е потребно, ќе преземе и дополнителни мерки за елиминирање на евентуалните последици од истекувањето, стои во соопштението.
Постапувајќи согласно одредбите од Законот за заштита на животната средина и правилата од А-интегрираната еколошка дозвола, за случајот се известени и сите надлежни институции на државно и локално ниво.