Принцот Чарлс патува со спалната и со веце-школката

1000

Во новата биографија за раскошниот живот на принцот Чарлс се тврди дека наследникот на британскиот трон кога патува, инсистира со себе да ги носи ортопедскиот кревет од спалната соба, постелнината и сопствената тоалетна школка.

За време на кралските патувања, принцот наводно товари голем број работи што смета дека му се неопходни, меѓу кои и посебно виски, флаширана вода, тепих и две слики со пејзажи од шкотските гори.

Според она што е изнесено во новата биографија, неговата придружба на патувањата е составена од 124 вработени, меѓу кои двајца лични соработници, готвач, приватна секретарка, дактилографка и телохранители.

Во книгата насловена „Бунтовничкиот принц: Моќта, страста и пркосот на принцот Чарлс“, напишана од истражувачкиот новинар Том Бауер, се тврди и дека 69-годишниот наследник на тронот петпати дневно ја менува својата облека.

 

МН   Неподнослив гостин

 

Во биографијата било наведено дека во една пригода, кога принцот Чарлс бил повикан на викенд во североисточна Англија, на своите луѓе им наредил ден пред патувањето да го преместат сиот мебел од неговата спална соба кај пријателот кај кого требало да престојува. Чарлс од гостинската соба на својот домаќин го извадил целиот мебел и го поставил својот. Наводно, на принцот му била доставена и органска храна. Неговиот домаќин одлучил никогаш повеќе да не го кани Чарлс на гости.

Слична ситуација се случила и на друго патување, кога принцот требало да замине на продолжен викенд кај пријател. Неговите домаќини, по неколку месеци подготовки, повикале многу гости на вечера, нарачале храна, пијалаци и цвеќе за да биде сè совршено. Меѓутоа, кога дошол петок, принцот Чарлс не се појавил. Од неговата канцеларија јавиле дека поради обврски, Чарлс ќе дојде другиот ден изутрина. Следниот ден од неговата канцеларија ја откажале посетата поради „непредвидени околности“. Подоцна Чарлс на домаќините што ги извисил, им објаснил дека не можел „да ја напушти убавината на од сонце осветлената градина во Хајгров“. Домаќините, кои потрошиле огромна сума за да го пречекаат како што прилега, биле очајни.

Според книгата, колку што Чарлс бил лош гостин, толку бил лош и ако домаќин. Наводно, додека четири месеци живеел во Шкотска, канел многу гости да му прават друштво, но тие морале сè сами да платат. Кога приредувал забави во својот дом, сè било приспособено на неговите навики и желби. Гостите добивале вечера околу 20 часот, а тој пристигнувал во 20.15 часот, зашто не сакал да го јаде првото јадење.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...