Засилени контроли до март за исплатата на К-15

157

Државниот инспекторат за труд прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените. Надзорот кој што започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајќи ги и фабриките за производство на текстил и чевли – соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон.

Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор од областа на стопанството. Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Истовремено ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...