Излезе нова книга од кралот на чешките готски трилери

152

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најавува дека е објавен романот „Лорд Морд“, готски трилер проткаен со булгаковски елементи на фантастика и гротеска од чешкиот писателМилош Урбан, авторот на бестселерот „Седумцкрвие“.

Преводот на македонски е на Игор Станојоски.

При крајот на XIX век во Прага пламти конфликтот меѓу Чесите и Германците, се модернизира еврејскиот дел од градот, глодан од глувци, туберкулоза и други епидемии. На грофот Арцо, наречен Лорд Морд, му пречи што омилениот дел од метрополата му исчезнува пред очи и решава да спаси барем еден објект на тој начин што ќе го купи и ќе одбие да се исели. Прашката администрација му испраќа свои луѓе, првин со добро, а потоа и со лошо.

Во меѓувреме почнуваат да се случуваат убиства на проститутки. Дел од луѓето сметаат дека ноќе шета еврејското чудовиште, монструмот без лице, наречен Мевце, или Клајнфлајш. Други сметаат дека поврзаноста меѓу злосторствата е нешто што треба дополнително да се истражува.

Иако е човек со принципи, грофот Арцо посетува бордели, пиејќи апсинт и мислејќи дека така ќе најде лек за своето влошено здравје. Кога неговата љубовница е пронајдена мртва, тој е вовлечен во настани што го оддалечуваат од неговата боемска идила.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Милош Урбан (1967) е еден од најзначајните и најчитани чешки прозаисти. Дел од детството го поминал во чехословачката амбасада во Лондон. По дипломирањето на катедрата за англистика и нордистика во Прага, стажирал на Оксфорд. Од 1992 година работи како уредник во неколку издавачки куќи. Пишува хорор-приказни и е познат како „темниот витез на чешката книжевност“.

Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген, но поголемиот дел од животот го минува во татковината. Дипломира во Скопје на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на групата Македонски јазик со општа и компаративна книжевност. Работел на универзитетите во Лавов (Украина), Катовице (Полска), Брно (Чешка). Докторирал во Полска во 2009 година.

Автор е на повеќе книги од областа на лингвистиката, како и на неколку романи. На македонски има преведено неколку книги од повеќе словенски јазици.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...