Сѐ поголем број Американци го обвинуваат претседателот на САД, Доналд Трамп, за делумната финансиска блокада на федералната Влада, поради што нејзините вработените и оваа недела ќе останат без плата, покажаа резултатите на анкетата, спроведена од агенцијата Ројтерс и институтот Ипсос.
Испитувањето на јавното мислење, спроведено од 1. до 7. јануари, покажува дека 51 отсто возрасни Американци сметаат дека Трамп е најодговорен за прекин на финансирање на сојузната Влада, што влезе во 19-от ден.
Тоа е за четири проценти повеќе во однос на резултатите на слично истражување спроведено од 21. до 25. декември минатата година.
Дека претставниците на демократите во американскиот Конгрес се виновни за кризата со финансирањето на Владата сметаат 32 отсто испитаници, додека седум отсто верува оти за тоа се виновни републиканците.
Тие податоци се речиси исти во однос на претходното испитување на јавното мислење.
Анкетата покажува и дека повеќето републиканци ја поддржуваат одлуката на Трамп да не го одобри буџетот ако со него не биде предвидено финансирање на изградба на ѕид на границата со Мексико со пари на американските даночни обврзници.