Француската министерка за европски прашања Натали Лоазо, им реплицираше на италијанските политичари кои ги повикаа „жолтите елеци“ да продолжат со протестите во Франција.
Лидерите на италијанските владејачки партии Луиџи Ди Мајо и Матео Салвини вчера изјавија дека ги поддржуваат протестите на “жолтите елеци“ во Франција, кои стануваат сѐ понасилни и поради кои Париз вчера воведе нови поостри мерки.
Пред почетокот на министерскиот состанок во Брисел, на кој учествува француската министерка за европски прашања заедно со нејзиниот италијански колега, Лоазо потврди дека ќе го отвори прашањето со него.
– Секоја Влада има приоритет да се занимава со благосостојбата и иднината на своите сонародници, мислам дека приоритет на италијанската Влада е да се занимава со благосостојбата на италијанскиот народ и не сум сигурна дека „жолтите елеци“ имаат било што со благосостојбата на италијанскиот народ – изјави претпладнво Лоазо.
Италијанското владејачко Движење Пет Ѕвезди (М5С) на Ди Мајо отиде дотаму што им ја понуди на “жолтите елеци“ сопствената платформа. М5С пред да стане политичка партија, беша граѓанско антисистемско движење.
– Често ја слушнав италијанската Влада како бара почитување на начинот на кој владее со Италија, мислам дека им го должиме тоа почитување, но го должиме и на која било друга држава, посебно кога сме соседи, сојузници и пријатели – додаде француската министерка.
Лоазо за крај изјави дека не гледа сличности помеѓу “жолтите елеци“ и Движењето Пет Ѕвезди.