СБ: Намалена невработеност во Западен Балкан

Според податоците, зголемување на вработеноста во текот на минатата година во земјите од Западен Балкан изнесува 3,9 проценти или тоа значи создавање 231.000 нови работни места низ шесте земји од регионот.

96

Македонија во текот на минатата година ја зголеми стапката на вработеност за 2,7 отсто. Зголемени стапки на вработеност се регистрирани во сите земји од Западен Балкан која се движи од 9,2 во Косово, 4,3 во Србија, 3,5 во Црна Гора, 3,4 во Албанија и 1,7 отсто во Босна и Херцеговина.

Ова е објавено во извештајот „Трендовите во пазарот на труд во Западен Балкан 2018″ објавен денеска од страна на Светска банка и Виенскиот Институт за меѓународни економски студии (WIIW).

Според податоците, зголемување на вработеноста во текот на минатата година во земјите од Западен Балкан изнесува 3,9 отсто или тоа значи создавање 231.000 нови работни места низ шесте земји од регионот.

Во извештајот се наведува дека и покрај напредокот, ниските стапки на активност – особено кај жените и младите – заедно со високите стапки на долгорочна невработеност и преваленцата на неформална работа, продолжуваат да наметнуваат предизвици врз одржливиот економски раст во регионот.

– Регионот направи големи чекори во подобрување на резултатите на пазарот на трудот во текот на минатата година – што значи дека повеќе луѓе наоѓаат работа, вели Линда ван Гедер, директор на Светската банка за Западен Балкан. Сепак, посочува дека и понатаму забележуваме високи стапки на луѓе кои не се вработени, кои не се вклучени во образованието или во програмите за обука и потребно е да најдеме начини за нивно поврзување кон идните можности.

Во извештајот се истакнува дека невработеноста кај младите од 37,6 отсто е клучен предизвик за регионот. Сепак, оваа стапка е намалена од минатата година и речиси секоја земја во регионот се соочува со најниски нивоа на невработеност кај младите од 2010 година. Стапките се движат од 29 отсто во Црна Гора и Србија, до повеќе од 50 проценти во Косово. Според извештајот, за младите луѓе кои подолго време биле одвоени од работните места или образовниот процес предизвик претставува реинтегрирањето на пазарот на труд. Тие, исто така, се соочуваат со разлики во платите, заработувајќи до 20 отсто помалку од оние што поскоро наоѓаат работа.

Во извештајот, исто така, се забележува дека стапките на вработеност на жените се во пораст, но, сепак, тие остануваат ниски според европските стандарди. Стапката на вработеност кај жените во регионот изнесува 43,2 отѕсто, движејќи се од ниски 13,1 проценти во Косово до високи 52,3 отсто во Србија. Родовиот јаз во вработувањето, исто така, се намали од 2010 година, и се движи од 28,9 процентни поени во Косово до 9,8 процентни поени во Црна Гора.

– Економските трендови во регионот се чини дека се движат во вистинската насока – вели Роберт Стехрер, научен директор на Виенскиот Институт за меѓународни економски студии. „Вработувањето на повеќе луѓе, особено на младите и жените, останува еден од клучните предизвици во регионот за одржување на економската и социјалната конвергенција.“

– Потребно е да се посвети внимание на голем број пречки за вработување за да се намали тековната емиграција од регионот, особено кај младите, образовани луѓе. За тоа да се случи, потребно е понатамошно знаење. Земјите во регионот треба да ги синхронизираат своите податоци за емиграцијата и да ја подобрат регистрацијата и објавувањето на статистичките податоци за миграцијата. Со користење на висококвалитетни податоци што се во согласност со меѓународните стандарди за составот на работната сила – во земјата и интернационално – ќе се добие точна анализа за динамиката на пазарот на трудот во регионот и ќе овозможи дизајнирање на политики, кои истовремено можат да се справат со предизвиците на емиграцијата и да ги искористат придобивките од миграцијата, се порачува во извештајот.

Сметаат дека подоброто поврзување на средношколците со пазарот на труд, како и претходните интервенции за задржување на студентите, може да ги подобри можностите за вработување. Политиките, како што се грижата за деца, установи за грижа за постари лица, флексибилни работни договори и повеќе работни места со скратено работно време, исто така, ќе ја промовираат интеграцијата на жените на пазарот на труд.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...