„Новата“ црква во Украина која ја создадоа киевските власти е здружение на две групи расколници, изјави денеска патријархот московски и на цела Русија, Кирил во божиќно интервју за телевизијата „Русија 1“.
– Според мислењето на оние кои ги влечат конците и претседателот на Украина, тој собор требаше да ги обедини сите и да создаде единствена православна црква за цела Украина. А, што се случи? Се случи тоа две расколнички групи едноставно да се обединат – рече патријархот Кирил.
Создавањето на новата црковна структура тој го нарече мешање на државните власти во верските работи, што, според него, е без преседан.
– Украина треба да биде држава која тежнее кон Европа, држава која тврди дека има европски вредности. Меѓутоа, една од многу важни вредности на Европа е принципот на одвојување на црквата и религијата од државата, а што гледаме? Го гледаме претседателот на Украина кој претседава со црковен собор, кој одредува кој треба да биде на чело на црквата. Тој се меша грубо во црковниот живот. Замислете претседателот на Русија, Владимир Путин да претседава со црковен собор, директно да каже кој треба да биде избран и да го претстави на јавноста новоизбраниот патријарх. Тоа е тешко да се замисли – нагласи рускиот патријарх.
Доколку тоа се случи, тој смета дека тогаш „западните држави и заштитници на човековите права ќе фрлаат дрвја и камења по Русија“.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј завчера во Истанбул потпиша томос, односно документ за автокефалноста на православната црква во Украина.
Во пресрет на потпишувањето на документот се одржа молебен на кој, меѓу другите, присуствуваа и поглаварот на црквата, митрополитот Епифаниј, претседателот на Украина Петро Порошенко, шефот на украинската дипломатија Павел Климкин и претседателот на Парламентот, Андреј Парубиј.
По богослужбата, Вартоломеј во својата резиденција ги прими претседателот Порошенко и митрополитот Епифаниј, по што се вратија во храмот „Свети Ѓорѓи“, каде што беше потпишан томосот.
– Сакам да се заблагодарам на милиони Украинци ширум светот кои одговорија на мојот апел да се молат за да биде воспоставена оваа црква. Сакам да им заблагодарам на генерациите Украинци кои сонуваа за тоа…и конечно Бог ни ја прати Православната црква на Украина – рече Порошенко на церемонијата.
На собор одржан на 15 декември во Киев беше објавено создавањето на украинската афтокефална црква, за чиј поглавар е избран Епифаниј Думенко.