Платежната агенција ќе става ред во делот на ИПАРД. Планира донесување нов закон, според кој, консултантите од оваа бранша ќе мора да се лиценцираат, но и да формираат комора.
Како што вели директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, за МИА, целта на оваа новина е земјоделците и стопанствата да добиваат квалитетни услуги и да се подобри квалитетот на ИПАРД-апликациите.
Со лиценцирањето ќе бидат опфатени сите консултанти, вклучувајќи ги и оние што речиси две децинии работат во оваа сфера, а лиценците ќе ги издава комората.
Според Бабовски, новата правна рамка или законот за советодавни услуги веќе се изготвува и се очекува да биде донесен годинава.
– Ќе треба да се воведе ред, бидејќи не може секој да работи сè и сешто. Формирањето комора на лиценцирани консултанти е еден од начините за поефикасно искористување на ИПАРД-средствата. Всушност, добро е да се формира комора како во сите бранши. Тоа ќе овозможи апликантите да добиваат квалитетни услуги, пред сè од консултантни кои ќе бидат лиценцирани. Значи, целта е да се подобри квалитетот на апликациите. Притоа, и оние што можеби 20 години работеле на ИПАРД, ќе мора да се лиценцираат за да се вклучат во процесот на изготвување уште поквалитетни апликации – истакнува Бабовски за МИА.
Со законот, апликантите нема да бидат лимитирани (обврзани) да ги користат услугите на некој од членовите на комората зашто може и сами да си го направат бизнис-планот или да користат советодавни услуги од државните институции.
Бабовски вели дека нема евиденција колку консултатни засега работат на ИПАРД.
– Не водиме регистар на консултанти, ниту ќе се води зашто ние ги гледаме предметите и квалитетот на изработената апликација. Во Агенцијата може да се јави кој било апликант со кој било консултант што му го води проектот. Тука нема лимит –
Како што објаснува директорот, консултантите ќе треба најпрво да поминат обуки, потоа да добијат вид дипломи и на крај да се лиценцираат. Ова ќе биде уредено со соодветен правилник.
Македонија од ИПАРД 1 (2007 – 2013) преку 12 објавени огласи, успеа да повлече и искористи околу 16 милиони евра. Сега оваа сума е надмината само со првиот повик од ИПАРД 2 распишан лани, за кој се потпишаа договори во вредност од 18,2 милиона евра.
Земјава има на располагање 80 милиони евра, од кои 60 милиони евра европски пари и 20 милиони евра средства од Националниот фонд.