Лоцирана на само неколку километри од Струмица, веднаш по село Бањица, „Покров“ овозможува 18-месечна рехабилитација на лица кои имаат проблем со дрога, алкохол или коцка. Под надзор на професионалци, психотерапевти, социјални работници и психолози, згрижените во „Покров“ доброволно минуваат низ соодветен третман што вклучува индивидуална, групна и окупациска терапија (физички активности) во чиј фокус е токму органското производство.
На вупно два хектара органски се произведуваат околу 30 култури, меѓу кои домати, краставици, корнишони, грав, тиквички, брокули… Најголемиот дел од производството е оранжериско, додека другиот е на отворено (јаболка, цреши). Пластениците се од најмодерен тип, со двојни најлони, комплетно автоматизиран покрив и метеоролошка станица.
– Кај нас органското производство е нераскинлив дел од целокупниот терапевтски процес, од работно-окупациските терапии. Всушност, лицата што во своите тела имаат внесено најмногу хемија, сега практично ја произведуваат најздравата храна во државата. Производствените капацитети ни помагаат да го развиваме социјалното претприемништво, така што на опоравените клиенти кои ќе ја завршат програмата им овозможуваме вработување – вели раководителот на „Покров“, Сократ Манчев.
Производството е сертифицирано, а го менаџира агроном. Интересно е и тоа што „Покров“ е една од двете институции – единствени сертифицирани обучувачи за производство на органска храна во Македонија.
Сократ истакнува дека е голема поддршката од бизнис-секторот. Компаниите несебично покажуваат дека се општствено одговорни. Речиси 40 отсто од пластениците се донација од грчки фирми, а еден од големите домашни синџири маркети ги прифати органските производи кои, соодветно спакувани, може да се најдат на полиците.
На денешните пет хектари со кои располага „Покров“ порано имало воени објекти. Површините биле напуштени поради што и воопшто не биле хемиски третирани. Тоа било одлична основа за креирање работно-окупациска активност (органско земјоделство).
– Во наредните четири – пет години доволно ќе биде да се разработат сите пет хектари. Во однос на органското производство, генерално, кај нас треба да се смени целата аграрна политика зашто луѓето не се на нивите, 80 отсто ги напуштија. Треба да се направи стратегија да се вратат – дополнува Манчев.
Од пред некој ден „Покров“ ги снабди и потребните органски семиња од Швајцарија за речиси секој вид производ зашто кај нас, напоменува Манчев, производство на органско семе сè уште нема.
Во меѓувреме, со швајцарска помош заедницата паралелно развива стратегија – поврзување на домашните органски производители со цел континуирано снабдување на домашниот пазар. Идејата е на купувачите, постојано, во секое време, да им биде достапна органска храна.
– На почеток не знаевме колку органски производители има во државата. Потоа сфативме дека се многу и дека се тоа чесни луѓе кои си ја сакаат работата и се занимаваат со органско земјоделство од љубов. Наидовме на одлични партнери и сега заедно ја градиме таа „органска“ приказна. Заедно го освојуваме пазарот – истакнува Сократ.
Според него, за консумацијата на органското производство не треба да има дилеми. Доволно е само луѓето да пробаат.
– Моментно, праксата е сведена на купување евтина, конвенционална храна во големи количини. Добро е навиките да се сменат, да се научиме на купување помалку, но поздраво. Да внесуваме здравје, лек, а не отрови. Во оваа насока е и здружувањето на производителите. Сакаме потрошувачите да знаат дека во секое време ќе можат да си го купат саканиот производ. Креираме стратегија согласно која некој ќе сади во март, некој во април, некој во мај – вели Манчев.
Терапевтската заедница „Покров“ почна со работа во јануари 2010 година. Засега згрижува 20 лица кои имаат проблем со психотропни супстанции, алкохол и коцка. Имаат структуриран дневен распоред што се состои од предвидените терапии и спортски активности. Речиси 80 проценти од оние што го завршиле процесот, апстинираат подолго време и се интегрирани во општеството. Дел од клиентите кои не го завршиле процесот на заздравување, се враќаат повторно на третман.
Иницијативи за доразвивање на „Покров“ има многу. Голем дел ќе почнат идната, 2019 година. Планирано е, покрај „бутикот“ за ексклузивни органски производи, да се отвори и тренинг-центар за квалификација и доквалификација на сите маргинализирани групи, вклучително и за затворениците. Предвидено е и отворање центар за професионална рехабилитација на лица со попреченост.
Во тек се подготовките за отворање бејгел-пекарница, што ќе значи нова можност за практикантство и вработување на маргинализираните лица.
„Покров“ ќе потпише договор со Министерството за труд и социјална политика преку кој државата ќе се обврзе да финансира 90 отсто од трошоците за 20 лица кои имаат проблем со психотропни супстанции, алкохол и коцка.