Американскиот претседател Доналд Трамп денеска реагираше на барањето на некои демократски конгресмени за негово отповикување од функцијата, оценувајќи дека е премногу успешен за да биде отповикан.
– Како можете да го отповикате претседателот кој победи на можеби најважните избори на сите времиње, кој не направил ништо погрешно и кој ги има најуспешните две години од мандатот од кој било друг претседател?, објави Трамп на Твитер.
Реакцијата на Трамп следи откако вчера, по конституирањето на новиот состав на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, демократските конгресмени Бред Шерман и Ал Грин иницираа предлог за отповикување на Трамп.
Новата претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, вчера пред нејзиниот избор на функцијата, изјави дека одлуката на демократите за покренување постапка за отповикување на Трамп ќе зависи од резултатите од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводното руско мешање во изборите во 2016 година.
Гостувајќи во емисијата „Тудеј“ на Ен-Би-Си, Пелоси истакна дека треба да се почека за да се види „што ќе произлезе“ од истрагата на Малер за поврзаноста на луѓе од Изборниот штаб на Трамп со Русија, па дури потоа да се донесе одлука за евентуален импичмент.
Трамп од своја страна тврди дека луѓето од неговиот Изборен штаб не соработувале со Русија и ги отфрла сите такви обвинувања.
Во новиот состав на Конгресот, демократите имаат мнозинство во Претставничкиот дом, а републиканците на Трамп во Сенатот.