Истекуваат роковите од повиците за закуп на земјоделско земјиште

Министерството за земјодлество апелира заинтересираните навреме да аплицираат.

56

Рокот за доставување документација за јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектари истекува на 11 јануари, а за јавниот оглас за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над три хектари рокот е 17. месецов.

Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство денеска преку соопштение ги повика сите заинтересирани да ги запазат роковите со цел навреме да се заврши целата процедура и да се склучат договори.

Со јавниот повик за давање под закуп на државно земјоделско земјиште до три хектари Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство им овозможува на земјоделците доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку изработка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик. Земјоделците, укажуваат од МЗШВ, треба да внимаваат земјиштето да не е предмет на денационализација и да не е веќе дадено под закуп.

Јавниот повик е наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта, според ресорното Министерство, е да се стави во функција целото располжливо земјоделско земјиште, особено парцелите од 4,5,6,7 и 8 класа, а можат да се искористат за производство. Со тоа се очекува да се зголемат обработливите површини и земјоделското производство. Земјиштето за кое ќе биде склучен договор ќе треба да се искористи за покревање долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.

Со огласот за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над три хектари, освен за покревање на насади, е наменет и за инвестиции во преработувачки капацитети. Предмет на овој оглас се најатрактивните парцели во државата, а на понудените локации освен примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис план за преработувачки капацитети. Со овој оглас се објавуваат над 1.420 хектари државно земјоделско земјиште, на кои освен долгогодишни насади со овошје, лозје, лешници и маслинарци, се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарници, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство.

Опфатени се 23 земјишни парцели во 13 региони: Штип, Гостивар, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Ресен, Свети Николе, Валандово, Гази Баба, Кратово, Берово и Струга. На овој оглас, кој ќе се спроведе по пат на електронско наддавање, имаат право да конкурираат имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица.

Документацијата за јавниот повик и за јавниот оглас треба да се достави до Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...