| Вести денес: 0

Франција ќе прими некои од 49-те мигранти блокирани крај Малта

30

Франција е подготвена да прими некои од 49-те мигранти, кои веќе неколку денови се блокирани во водите на Средоземното Море во близина Малта – изјави извор од Елисејската палата за весникот „Монд“.

Како што јави дописникот на МИА, станува збор за мигранти кои се наоѓаат на два брода изнајмени од страна на германска хуманитарна организација.

– Во согласност со принципите кои секогаш ги следи Франција, ние сме подготвени да се вклучиме во европски напори за помош на луѓето кои имаат потреба од заштита, вели изворот за „Монд“.

Два брода, „Си Воч 3“ и „Професор Албрехт Пенк“, веќе неколку дена чекаат одобрение од Италија, Малта или Шпанија за да се упатат кон некое нивно пристаниште, но досега ниту една од овие три земји не одговори на барањата на германската организација за прифат на мигрантите.

Засега само Франција, Германија и Холандија најавија дека се подготвени да прифатат дел од мигрантите, под услов тоа а го сторат и другите европски земји, во согласност со заклучоците на Самитот на ЕУ од јуни 2018 година, со кои се предвидуваат  „заеднички напори“ за справување со проблемите со миграцијата.

Според најновите податоци на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), во 2018 година повеќе од 113.000 луѓе се упатиле преку Средоземното Море кон Европа, од кои 2.262 загинале или се водат како исчезнати.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...