Италија негира дека севернокорејскиот дипломат побарал азил

130

Италијанското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека дипломатот кој ја извршуваше функцијата севернокорејски амбасадор во Рим не побарал азил од италијанските власти.

Властите во Рим соопштија дека претходно биле известени дека мандатот на Џо Сонг Гил како дипломат во нивната земја е завршен. Според тоа, како што посочуваат, тој повеќе нема дипломатски статус во Италија.

– Севернокорејскиот дипломат Џо Сонг Гил, кој до скоро беше амбасадор во Италија, исчезна со својата сопруга, откако ја напушти Амбасадата во ноември – изјави пратеникот во јужнокорејскиот Парламент, Ким Мин-ки, повикувајќи се на податоци добиени од Националната разузнавачка служба.

Јужнокорејската разузнавачка агенција денеска, зад затворени врати, ги информираше пратениците во Сеул дека Џо заедно со својата сопруга се скриле во ноември, не прецизирајќи каде.

Доколку тоа се потврди, Џо ќе се приклучи на долгиот список високи дипломати кои се обидоа да избегаат од Северна Кореја.

Претходно, весникот „Џонг Анг Илбо“, повикувајќи се на неименуван дипломатски извор, објави дека Џо (48) поднел барање за азил во една западна земја и дека е на „безбедно место“ со своето семејство, под заштита на италијанската Влада.

Северна Кореја се уште не се огласи за статусот на дипломатот Џо.

Последниот висок севернокорејски дипломат за кој се знае дека избега е Тае Јонг Хо, поранешен заменик амбасадор во Лондон, кој избега во Јужна Кореја во 2016 година.

Според податоците на јужнокорејската Влада, околу 30.000 Севернокорејци избегале во Јужна Кореја откако е завршена Корејската војна. Многумина изјавиле дека сакаат да го напуштат суровиот севернокорејски политички систем и сиромаштија.

Од друга страна, Пјонгјанг често го обвинува Сеул дека им плаќа на луѓето за да пребегнат или пак тврди дека тие луѓе се киднапирани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...