Прогресивното оданочување на снага, бизнисот негодува

Пресметките се дека со прогресивниот данок ќе биде опфатено само 1 отсто од вкупното население, а предвидено е да се соберат околу 25 милиони евра во Буџетот.Владата најави дека овие пари ќе бидат насочени кон подобрување на состојбата на населението кое прима социјална помош.

989

Со стартот на годинава стапи на сила Законот за данок од доход со кој владата го воведе прогресивниот данок. Со овој закон покрај даночната стапка од 10 отсто која ќе ја плаќаат и натаму граѓаните со пониски примања се воведува и стапка од 18 отсто, која ќе ја плаќаат граѓаните кои годишно ќе остварат доход од над 1,08 милиони денари или 90.000 денари месечно.
Исто така, доходот од закуп, подзакуп, дивиденди, капитални добивки, игри на среќи и друг доход ќе се даночи со 15 отсто.

Пресметките се дека со прогресивниот данок ќе биде опфатено само 1 отсто од вкупното население, а предвидено е да се соберат околу 25 милиони евра во Буџетот.Владата најави дека овие пари ќе бидат насочени кон подобрување на состојбата на населението кое прима социјална помош.

Бизнис заедницата и покрај ваквото образложение на владата смета дека воведување на прогресивниот данок  во овој момент на развој на економијата ќе има само негативни ефекти и бараат одлагање на неговата примена за пет години.

Четирите Стопански комори Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ побараа одлагање на воведувањето на прогресивниот данок кај овој вид приходи за пет години.

– Ние како најголема и најзначајна куќа на бизнисот немамe проблем со тоа што државата сака да ги насочи вложувањата кон унапредување на социјалниот, образовниот и здравствениот систем – напротив, силно ги поддржуваме тие напори. Но, цврсто стоиме на ставот дека дијалогот е најпотребната алатка при ваквите суштински важни процеси и сериозни се последиците ако тој отсуствува. Сепак, на крајот сметката завршува кај бизнис заедницата, таа треба да ја плати. Сосема е во ред да го испочитувате мислењето на оној кој што на крајот го подмирува цехот. И на крајот од денот, за што конкретно ви требаат тие пари. Буџетот е секоја година поголем од претходната, некој тоа во континуитет го плаќа. Граѓани има сѐ помалку… Знаете, под притисок на меѓународната заедница и други земји од опкружувањето ги зголемија корпоративните даноци, но што се случи набрзо – сите компании ги преместија главните седишта во друга земја. Атина веќе не е седиште на големите корпорации. Да не излезе на крајот, подобро беше врапче во рака, отколку гулаб на гранка- вели претседателот на Стопанската комора, Бранко Азаски

Од МАСИТ, пак, сметаат дека оваа даночна реформа ќе предизвика пенализација на деловите од населението кои напорно работат кон напредување и повисоки приходи, а ќе се наградуваат оние кои не се трудат и со тоа директно се создава намалување на продуктивноста.

И Американска стопанска комора е против ваквото оданочување, оти сметаат дека со тоа ќе се зголеми сивата економија.

– Ваквите мерки само ќе имаат негативен ефект врз растот на македонската економија и тоа поради одлив на капитал и намалени инвестиции, одлив на мозоци и дестимулација на иновативните „смарт“ индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата- велат во АмЧам.

Зоран Заев им наметна нови давачки кои дополнително ќе влијаат на нискиот стандард. Годинава ќе плаќаат повисоки даноци земјоделците, договорците, вработените во ИТ индустријата. СДСМ спротивно на укажувањата на експертската јавност, бизнис секторот, стопанските комори, продолжи со имплементирање на погубните политики за прогресивен данок, на штета на граѓаните со цел остварување на своите лични интереси.

И опозиционата ВМРО-ДПМНЕ за време на чие владеење беше воведен рамниот данок не се согласува со прогресивното оданочување. Во денешното соопштение од партијатаа велат дека владата наметнала нови давачки кои кои дополнително ќе влијаат на нискиот стандард.

„Годинава ќе плаќаат повисоки даноци земјоделците, договорците, вработените во ИТ индустријата. СДСМ спротивно на укажувањата на експертската јавност, бизнис секторот, стопанските комори, продолжи со имплементирање на погубните политики за прогресивен данок, на штета на граѓаните со цел остварување на своите лични интереси“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...